Зависноста од алкохол може да се „заборави“

Според едно ново истражување направено на животински модели, можеби е возможно да се стопира потребата од прекумерно пиење алкохол.

За потребите на истражувањето, истражувачите од Институт Скрипс при Универзитетот Ла Хола во Калифорнија, тренирале стаорци да можат сами да земаат алкохол од една комора и да станат зависни од алкохол. Потоа во стаорците инјектирале соединение кое  деактивира една специфична група на клетки од делот во мозокот што се нарекува амигдала.

Тие откриле дека деактивацијата на овие мозочни клетки предизвикува стаорците сосема  да престанат да пијат алкохол, исто како да заборавиле дека се зависни од алкохол.

Претходни истражувања покажале дека овие мозочни клетки се активираат со често конзумирање на алкохол, но научниците не беа сигурни дали е ова причина или ефект од  прекумерното пиење. Ова истражување покажува дека за да се активираат овие мозочни клетки потребно е прекумерно пиење, велат истражувачите.

Откако ги деактивирале овие мозочни клетки, истражувачите биле изненадени колку долго траел ефектот – стаорците воопшто не пиеле за цело времетраење на истражувањето од  околу две недели. Покрај тоа, кај стаорците не биле забележени знаци поврзани со одвикнувањето, како што е тресењето.

Интересно е што кога истражувачите ги деактивирале истите клетки кај стаорците кои пиеле многу алкохол, но не биле зависни, тие добиле различен резултат. Овие стаорци го намалиле пиењето, но тоа траело само еден ден, по што повторно почнале прекумерно да конзумираат алкохол.

Веројатно ова се случува затоа што кај стаорците кои не биле зависни од алкохол,  „патиштата“ во мозокот кои водат до зависност сѐ уште не биле воспоставени, велат истражувачите.

Важно е да се нагласи дека бидејќи истражувањето е направено на глувци, ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се утврди дека истите резултати важат и за луѓето и дали истите мозочни клетки го имаат истото влијание на алкохолната зависност и кај луѓето.

Овие наоди се слични со наодите од едно истражување од 2007 година, направено на луѓе пушачи со оштетување на еден специфичен дел од мозокот што се нарекува инсула. Овие пациенти можеле лесно да престанат да пушат, бидејќи нивното тело „заборавало дека имаат порив за пушење“, велат истражувачите. Можно е овие наоди кај стаорците да откриваат постоење на слична мозочна поврзаност и за алкохолната зависност.

Поддржете ја нашата работа: