Ова е пораката што државата Џорџија од САД ќе ја испрати преку јавната здравствена програма наречена „Зборувај со мене бебенце“ (Talk With Me Baby), посветена на уметноста на бебешкиот говор. Почнувајќи од јануари, медицинските сестри ќе бидат обучувани како е најдобро, според најновите научни сознанија, да им зборуваат на бебињата за да можат тие да го разберат јазикот. Потоа тие заедно со наставниците и нутриционистите ќе оформат модел на однесување што ќе им го пренесат на родителите. Во Џорџија се надеваат дека сите бебиња родени во 2015 година, во реонот на градот Атланта, ќе бидат изложени на овој начин на говор, а до 2018 да бидат опфатени сите новороденчиња во државата.
„Talk With Me Baby“ е најновиот обид да се спроведе „јазична исхрана“ за децата во САД богата со голема количина на различни зборови во период кој е најсуштествен за развојот на мозокот.
Идејата на која се заснова програмата е дека јазикот е подеднакво важен за физичкиот развој на мозокот, како и храната.
Уште пред две децении беше покажана важноста на зборувањето кај децата. Психолозите Бети Харт и Тод Рисли од Универзитетот во Канзас , неколку години следеле 42 семејства со мали деца и ги бележеле бројот и типот на зборовите со којшто родителите им зборувале на своите деца во текот на денот. Податоците откриле загрижувачка состојба, децата од побогатите семејства до својата трета година слушаат околу 30 милиони зборови повеќе во споредба со децата од посиромашните семејства.
Одамна, зборувањето се поврзува со когнитивните вештини, вниманието, меморијата и емоционалниот развој. Студиите кои ги опфаќаат билингвалните деца, кои слушаат повеќе различни звуци, покажуваат дека тие деца се подобри во задачите каде што треба да се игнорираат неважните информации и префрлањето помеѓу различни активности. Оние кои од помала возраст слушаат повеќе зборови, исто така до својата втора година, имаат побогат вокабулар и подобро ги обработуваат зборовите во реално време.
Овие наоди се доволно убедливи за креаторите на политиката дека поголемата конверзација може да им помогне на децата од маргинализираните семејства да постигнат повеќе во училиштето и во животот. Меѓутоа , за жал многу деца не ја добиваат потребната подршка за да го искористат својот севкупен потенцијал.
Ваква состојба е многу видлива во државата Џорџија каде 27% од децата во 2012 г. живеле во сиромаштија, 5% над националниот просек, а половина биле кандидати за бесплатни или оброци со намалена цена во училиштата.
Конкретна цел на „Talk With Me Baby“ програмата е да го подобри ниското нивото на читање кај децата во државните училишта (само третина од децата до 8 години читаат солидно), но ќе се оценува и влијанието на севкупната благосостојба.
Во првата година од животот настанува посебно голем невролошки раст. Иако бебињата се’ уште не зборуваат, нивниот мозок може да ги разликува вообичаените говорни звуци според тоа колку често тие се појавуваат.
Од пресудно значење е родителите лично да им зборуваат на децата. Важно е родителите да им зборуваат со спор певлив глас. Студиите покажуваат дека така бебињата покажуваат поголем интерес отколку да им се зборува со вообичаен глас. Втора работа, на бебињата да им се зборува за нешто за што изгледа дека им го привлекува вниманието, како некоја играчка или воз кога поминува, наместо да се обидувате да им го свртите вниманието на нешто друго.
Се очекува од професионалците во текот на работата да демонстрираат добри говорни вештини. Медицинските сестри на пример, додека ја подучуваат новата мајка како да го бања детето, можат да ги објаснат постапките директно на бебето додека возрасните слушаат. Програмата исто така предвидува и да се направат телефонски апликации кои ќе прикажуваат видео снимка со едноставни упатства и предлог за конверзација врз база на вашата локација.
Во меѓувреме и други оргнизации го испитуват влијанието на „јазичната исхрана“ врз децата. Иницијативата „Три милиони зборови“ од Чикаго ќе го следи прогресот на 200 семејства од Чикаго, избрани по случаен избор, од кои половина ќе бидат обучувани за „јазична исхрана“ за да видат какво влијание тоа ќе има на подготвеноста на децата за училиште.
„Колку повеќе разбираме како работи мозокот и неговите врски, ќе бидеме во состојба да бидеме подобри во нашите обиди да влијаеме на ова здравствено прашање“, вели Дана Саскинд, основачот на „Триесет милиони борови“. „Мозоците не се раѓаат , тие се градат“.
Подлабоко влијание
Првите 1000 денови се многу активно време за растот на мозокот. Сиромашната средина може да остави трајни последици.
- Претфронталниот кортекс е одговорен за поголемиот дел од нашето размислување и резонирање. Децата од родители со помало образовно ниво, почесто имаат потенок претфронтален кортекс, што може да биде објаснување зошто кај нив во текот на работата полесно им се одвлекува вниманието.
- Хипокампусот е одговорен за учење и меморија. Децата кои имаат слаба родителска поддршка во раното детство, покажуваат знаци на помал хипокампус до времето кога децата доаѓаат на школска возраст.
- Намалена амигдала, структурата која е одговорна за нашите емоции, се поврзува со ниските приходи во домот каде е родено детето или пониското образование на родителите.
- Во раните години на нашето детство , одредени регии во нашиот мозок почнуваат да се специјализираат за одредени задачи. Задачите поврзани со зборовите се распоредени во левата страна од мозокот, поточно во Брокa центарот. Снимките од магнетна резонанца кај 5-годишни деца покажале дека кај децата од посиромашните средини, овој дел не бил толку специјализиран како кај децата од побогатите средини.
- Снимките од МР кај деца под 5-годишна возраст, покажале дека децата од посиромашните средини имале помал волумен на сивата маса во фронталниот и париенталниот лобус кои, меѓудругото, се одговорни за работната меморија и јазиците.
Ова не значи дека ваквата состојба не може да се надмине. Мозокот е најмногу прилагодлив во детството и добро одговара на интервенциите во раното детство. Така на пример, проектот „Рана интервенција од Букурешт“ каде се следени 136 деца од романските сиропиталишта од 2000-та година, покажал дека децата што биле сместени во згрижувачки семејства пред да наполнат 2 години, покажале повисока активност во неколку различни регии од мозокот и подобри резултати на когнитивните тестови во споредба со децата кои останале во институциите.