Астрономите открија еден мал астероид кој орбитира околу Сонцето, а со тоа претставува и постојан придружник на Земјата.
Како што орбитира околу Сонцето, новиот астероид – кој е наречен „2016 HO3“, исто така се врти и околу Земјата. Бидејќи е многу оддалечен не може да се смета како вистински природен сателит на нашата планета, но ова е најдобар пример досега за близок придружник на Земјата или „квази-сателит“.
Орбитата на астероидот е неправилна. Тој се оддалечува најмногу околу 100 пати, а не се приближува повеќе од околу 38 пати од растојанието помеѓу Земјата и Месечината.
Според НАСА, астероидот е со големина помеѓу 36,5 и 91 метри во обем. Според пресметките, астероидот орбитира околу нашата планета околу еден век, а ќе остане тука веројатно уште неколку наредни.
Астероидот „2016 HO3“ прв пат е детектиран на 27 април од телескопот „Pan-STARRS 1“ на Хаваи.
Подолу може да го погледнете извонредното видео на НАСА кое покажува како оваа мини-месечина орбитира околу Земјата.