Жените се поосетливи на негативни емоции

Наодите од едно ново истражување спроведено од истражувачите од Универзитетот во Монтреал, покажуваат дека постои суптилна разлика во функцијата на мозокот кај мажите и жените која влијае на тоа како половите реагираат на негативни стимуланси.

Инспирција за ова истражување на научниците била разликата во менталните заболувања од кои страдаат мажите и жените, како на пример, два пати поголемата појава на депресија и анксиозни растројства кај жените отколку кај мажите.   

Едно нивно претходно истражување исто така ја подржува теоријата дека мажите и жените различно реагираат на емционални стимуланси. Истражувачите откриле дека кога  мажите и жените гледаат во негативни слики, лимбичкиот систем во нивниот мозок  – кој е одговорен за емоциите и меморијата, реагра различно. Во новото истражување истражувачите отишле чекор понапред, разгледувајќи подетално каква улога играат овие разлики кај мажите и кај жените и дали нивото на хормони влијае на психолошките процеси.

Во истражувањето учествувале 46 волонтери (25 жени и 21 маж), при што биле исклучени сите фактори кои потенцијално можат да имаат влијание, како разликите во годините, нивото на образование, брачниот статус, етничката припадност и социоекономскиот статус. На почетокот, на секој волонтер му била направена анализа на крвта за да се одреди нивото на хормоните естроген и тестостерон, со цел да се одреди нивното влијание врз резултатите. Потоа на учесниците им биле покажани слики кои будат позитивни, негативни или неутрални емоции, а во исто време била снимана работата на нивниот мозок. Од учесниците исто така било побарано да ја опишат нивната емоционална реакција кога ги гледаат тие слики.  

Генерално, жените посилно реагирале на емотивните слики. Покрај тоа, повиското ниво на тестостерон најчесто било поврзано со помала чувствителност, додека зголеменото ниво на естроген, независно од полот, скоро секогаш значело и поголема сензитивност.

За време на гледањето на сликите и кај двата пола се активирал дорзомедијалниот префронтален кортекс и амигдалата во десната хемисфера. Сепак врската помеѓу тие две области од мозокот била посилна кај мажите, што дополнително доведува до намалена чувствителност кон емоционални стимуланси.

„Посилната поврзаност помеѓу овие две области кај мажите покажува дека тие имаат повеќе аналитичен отколку емоционален пристап кога треба да се справат со негативни емоции. Можно е жените да имаат тенденција повеќе да се фокусираат на нивните чувства што се предизвикани од стимулансите, додека мажите остануваат малку „пасивни“ кон негативните емоции и се обидуваат да ги анализираат стумулансите и нивното влијание- објаснуваат истражувачите.

Истражувачите веруваат дека овие наоди од нивното истражување ќе помогнат во расветлувањето на тоа на кој начин машкиот и женскиот мозок можат да функционираат различно, на психолошко ниво.

Истражувањето е објавено во „Psychoneuroendocrinology“.

Поддржете ја нашата работа: