Научниците документирале извонредно редок случај на жирафа која со годините станува бела. Иако и претходно се забележени случаи на албино или левцизам кај жирафи кои се родени без пигмент, ова е прв случај научниците да бидат сведоци на губење на бојата на животното, како што е случајот со оваа жирафа.
Во 2009 година, Зои Милер, биолог од Универзитетот Бристол во Велика Британија, започнала надгледување на машка жирафа во резерватот Соисамбу во Кенија и откако направила 430 фотографии ги забележал промените на жирафата.
Првите бели дамки таа ги забележала на грбот на животното, но помеѓу 2009 и 2016 година речиси целата горна половина од телото на жирафата, вклучувајќи го и долгиот врат, станала бела.
Причина за оваа појава може да биде една ретка болест што се нарекува вителиго – кога кожата полека го губи пигментот.
Бојата на кожата на жирафите е од битно значење за нивниот живот во дивината.
„Во биолошките функции што ги има шарата на кожата на животните спаѓаат заштита на кожата од сончевите зраци, заштита од грабливци преку камуфлажа, индивидуално и сексуално препознавање во рамките на видовите“- пишува Милер во извештајот што беше објавен во „African Journal of Ecology“.
Милер верува дека вителигото е последица на инфекција, а бидејќи се работи за загрозен вид, ширењето на инфекцијата би можело да претставува голем проблем.


Во светот сега постојат околу 1.100 Ротшилдови жирафи и ако некаков вид на инфекција или болест се прошири помеѓу популацијата, тоа може сериозно да влијае врз опстанокот на овој подвид жирафи, вели Милер.
Сепак, мора да се нагласи дека во овој стадиум ова се сѐ уште шпекулации, бидејќи жирафата засега изгледа добро. Но истражувачите нагласуваат дека ќе треба жирафата и натаму да се следи, за да се добијат податоци што би овозможиле подобро да се разбере за што точно се работи и како да се заштитат останатите жирафи.