На околу 609 м. под езерото Ири, 48 км. источно од Кливленд во Ферпорт Харбор, Охајо, САД се наоѓа огромниот рудник за сол на компанијата „Morton Salt“. Уште од 1959 година во рудникот се вади камена сол што најчесто се користи за топење на снегот и ледот на патиштата.
Рудникот претставува необичен простор од долги ходници, осветлен само од ламбите на шлемовите на работниците и од минималното светло на таванот.
Во рудникот не е дозволен пристап на други лица, освен за вработени. Фотографиите се направени од фотографот Рик Родес, на покана на матичната компанија „K + S“ која го поседува рудникот, за потребите на билтенот на компанијата.
Рудникот за сол Мортон се протега на околу 4,8 км под езерото Ири. Како дел од турата Родес направил фотографии на она што се наоѓа и над површината, вклучувајќи ги и големите купови сол што се наоѓаат таму. Камената сол која се користи за топење на снегот и ледот од патиштата често се бои сино, за да се разликува кога ќе биде посипана по улиците.
Ако се возите по површината никогаш нема да ви падне на памет што се одвива одоздола. „Не сум сигурен дека луѓето ги поврзуваат овие големи купови од сол со масивните ископувања што се одвиваат на 609 метри под површината на езерото “- вели Родес.
Работниците се спуштаат во рудникот со лифт, а возењето трае 4 минути.
Голем дел од солта од подземјето се префрла на површината откако ќе се издроби.
Кога ќе се влезе во рудникот се поминува низ серија воздушни меури кои го контролираат воздушниот притисок. Свеж воздух од површината се пумпа во внатрешноста на окното за снабдување на работниците со кислород.
Работниците се обврзани да носат заштитни очила, резервоар со кислород за итни случаи кој обезбедува кислород за еден час и заштитни шлемови со светло на нив што им помага да гледаат во темното опкружување.
Првата операција при ископувањето на солта е отсекување, процес во кој со помош на големи машини се отсекува дел од околу 3 метри длабочина во цврстиот ѕид од сол.
Потоа се бушат мали дупки во ѕидот каде се поставува динамит. Динамитот електронски се активира на крајот од денот.
Со тоа се уриваат од неколку стотици до неколку илјади тони камена сол. Охајо е на четврто место по прозводство на сол на национално ниво и произведува приближно 5 милиони тони камена сол годишно.
„Лично мислам дека рудникот е прекрасен“, вели Родос. Тој додава дека на површината нема никакви знаци, дури ни звук од експлозиите што се одвиваат внатре во рудникот.
Статијата е објавена во „Business Insider“.