Зошто човековиот врисок е толку страшен?

Врисоците имаат посебна акустична функција што ни го привлекува вниманието и директно ни го активира центарот за страв во мозокот. Единствените други звуци коишто ја имаат оваа карактеристика се произведените звуци како што се алармите за натрапници.

Врисокот е еден од најпримитивните звуци што ги правиме. Тој ги предупредува другите за опасност и сигнализира дека ни треба помош, па затоа треба да биде специфичен.

Да се биде гласен или пискав не е доволно за да се издвоите од толпата на секојдневни звуци, вели Дејвид Попел од Универзитетот во Њујорк. Неговиот тим откри дека врисоците се посебни бидејќи имаат една карактеристика наречена грубост.

Акустично, тоа значи дека нивната фреквенција варира помеѓу 30 до 150 херци – побрзо од говорот, но побавно од некој звук со јасна висина. За нас, ова значи само дека тие звучат грубо и непријатно.

Другите видови на звуци што истражувачите ги анализирале – музички инструменти, пеење и реченици изговорени на 3 различни јазици, ја немале оваа карактеристика.

„Досега, претпоставувавме дека грубоста не се користи во човековата комуникација, но се чини дека е дел од акустичниот спектар резервиран за врисоците, правејќи ги јасен аларм“, вели Попел.

Директен пат до стравот

Не само природните аларми ја имаат таа грубост. Тимот бил изненаден што открил дека единствените други звуци кои ја имаат оваа карактеристика се произведените сирени како што се алармите на автомобилите и куќите.

Се чини дека дизајнерите на аларми случајно ја искористиле истата акустична карактеристика што ни го привлекува вниманието кај врискањето. Оптимизирањето на грубоста би можело да биде начин за подесување на  алармите за да бидат што поефикасни.

Искористувајќи ги врисоците собрани од интернет и од други исплашени волонтери, тимот на Попел вештачки ја управувал грубоста на звуците и потоа им ја пуштил на волонтерите да ја слуштат. Колку што била погруба вревата, толку повеќе звучела на врисок и толку повеќе слушателите ја сметале за пострашна.

Со скенирање на мозокот на луѓето додека тие слушале различни звуци, истражувачите откриле дека погрубите звуци, кои се исти по висина и јачина, го зголемуваат активирањето на амигдалата, центарот за страв во мозокот, без да ја променат активацијата на аудитивниот кортекс, каде што се обработува звукот. Ова укажува на тоа дека грубите звуци селективно го активираат делот во мозокот којшто е одговорен за стравот, обезбедувајќи им можеби директен пат на врисоците за да влијаат на однесувањето.

Создавањето на врисок

Човековите врисоци се многу малку проучени, вели Харолд  Гоузулес од Универзитетот Емори во Атланата, Џорџија. Истражувањата на Попел имаат значаен придонес за основното дефинирање на врисоците, додава тој.

Подоброто разбирање на создавањето и функционирањето на врисоците би ни помогнало да ги разбереме подобро нарушувањата кои вклучуваат врискање, како што е деменцијата, бидејќи е доста предизвикувачко однесување со кое се соочуваат негувателите.

Сукбиндер Кумар и Тимоти Грифитс од Универзитетот во Њукасл, Велика Британија, открија дека други непријатни звуци како што е гребењето со нокти по табла, исто така ја активира амигдалата. Кумар изјави дека се заинтересирани да откријат и дали грубоста е карактеристична за звукот кој се добива со стегање на забите.

„Врисоците се интересни за проучување бидејќи се насекаде, тие се универзални и се првото нешто што некој го прави“, вели Попел. Неговото следно истражување е да открие дали плачот на бебињата, којшто го привлекува вниманието повеќе отколку врисокот на возрасните, е уште погруб.

Истражувањето е објавено во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: