Сè поголем број на луѓе насекаде во светот страдаат од алергии. Листата на алергени е огромна, но како најчести се среќаваат: домашна прашина, полен, пеницилин, отров од одредени инсекти, кикирики, јајца итн. Откако некои од овие супстанци ќе предизвикаат алергија се појавуваат различни симптоми со различен степен на опасност, вклучувајки: осип, оток, кивање, чешање и печење на очите, потешкотии при дишењето и сл, а во најлош случај и фатална реакција на целото тело позната кака анафилактичен шок.
Колективниот товар е огромен, а опциите за лекување се ограничени. Антихистамините може да ги намалат симптомите, но предизвикуваат поспасност. Можеби би имале поефикасни третмани кога научниците подобро би го разбирале целиот тој процес. Но, научниците не се ни сигурни зошто воопшто алергиите се појавуваат. Еден имунолог има прилично контраверзен одговор на тоа прашање.
Мистеријата на алергиите
„Токму тоа е проблемот кој ми се допаѓа кај алергиите. Тој е голем, од суштинско значење, и е сосема непознат“, изјави Руслан Меджитов за „Discover Magazine“.
Никој нема цврст одговор, но водечката теорија сугерира дека дека алергиите се погрешна одбранбена реакција на организмот против паразитските црви. Во индустријализираниот свет, каде што таквите инфекции се ретки, овој систем претерано реагира на безопасни цели, па така стануваме алергични на одредени нешта.
Меджитов, високо ценет имунолог на Медицинскиот факултет при Универзитетот Јеил, смета дека таа теорија е погрешна. Алергиите не се само биолошка грешка. Напротив, тие се значајна одбрана против штетните хемикалии- одбрана која десетици милиони години им служела на нашите предци и се’ уште продолжува да ни служи и нам. Меджитов признава дека ова е контроверзна теорија, но е убеден дека историјата ќе покаже дека тој е во право.
Како функционира алергијата?
Уште во античкиот свет лекарите знаеле за алергиите. Уште пред три илјади години, Кинеските доктори опишувале „треска од растенија“ која предизвикувала течење на носот. Постојат докази дека Египетскиот фараон Менес умрел од убод од оса во 2641 година пред нашата ера. Два и пол милениуми подоцна, римскиот филозоф Лукрециј напишал: „она шо е храна за едните, е горчлив отров за другите“.
Но, дури пред нешто повеќе од еден век научниците сфатиле дека овие различни симптоми се како различни глави од една иста хидра. Дотогаш, научниците веќе откриле дека многу болести се предизвикани од бактерии и други патогени, и дека со нив се бори имуниот систем- армија на клетки што може да ослободат смртоносни хемикалии и прецизно насочени антитела. Научниците набрзо сфатиле дека имуниот систем може да предизвика и штета. Во раните 1900-ти години, француски научници истражувале како отровите влијаат на телото и инјектирале мали дози на отров од морска саса во кучиња. Кучињата паднале во шок и умреле. Имуниот систем наместо да ги заштити, ги направил поподложни на отровот. Други научници забележале дека некои лекови предизвикуваат осип или други симптоми и како резултат на тоа организмот бил уште поподложен на болести. Австрискиот доктор Клеменс фон Пиркет се прашувал како одредена супстанца што влегува во телото може да го смени начинот на кој телото реагира. Така, за да ја опише реакција тој го создал зборот – алергија, од грчките зборови „allos“ што значи други, и „ergon“ што значи работи, делува.
Во следните децении, научниците откриле дека молекуларните фази на овие реакции се многу слични. Процесот започнува кога алергенот ќе дојде на некоја површина од телото – кожа, очи, нос, уста, дишни патишта или стомак. На овие површини има имунолошки клетки кои дејствуваат како стражари. Кога ќе се најдат во допир со алергенот и го демолираат, оставајќи фрагменти кои потоа преминуваат на други имунолошки клетки кои произведуваат антитело познато како имуноглобулин Е. Овие антитела предизвикуваат реакција ако повторно дојдат во контакт со алергенот. Реакцијата започнува кога антителата ги активираат мастоцитите, кои потоа ослободуваат хемикалии. Некои од овие хемикалии се задржуваат на нервите што предизвикува чешање и кашлање. Понекогаш се произведува и слуз, а може и да се контрахираат дишните мускули со што се отежнува дишењето. Ова е одговор на прашањето како настануваат алергиите. Останува уште да кажеме зашто.
Тешко е да се сфати како природната селекција би создала алергии со оглед на тоа што тоа не би помогнало при опстанокот на нашите предци. Покрај тоа, алергиите се чудно селективни. Само некои луѓе имаат алергии и само некои супастанци се алергени. Понекогаш се јавуваат уште од детството, понекогаш во подоцнежните години, а понекогаш едноставно исчезнуваат. И никој со децении не можел да објасни зошто постои имуноглобинотЕ, кога не делува на вируси и бактерии. Во 1980-тите години, неколку научници сугерирале дека алергиите и паразитските црви се поврзани, односно дека организмите на нашите предци развиле способност да ги препознаваат протеините на површината на црвите и да реагираат со антитела на имуноглобин Е. Па така, според оваа теорија алергиите се нус појава на одбранбениот механизам против паразитите.
На Меджитов сето ова му немало смисла, па така почнал да развива сопствена теорија. Точно е дека имунолошкиот систем произведува имуноглобин Е кога ќе детектира паразитски црви. Но некои истражувања, засновани на експерименти со глувци, сигерирале дека организмот може да се брани од паразитите и без имуноглобин. Така, тој започнал да ги истражува делата на Чарлс Џејнвеј, имунолог на Јеил, според кој имуниот систем има шаблон систем за брзо распознавање на бактериите и вирусите, па затоа веднаш одбранбено реагира. Набрзо почнал да соработува со него. Тие заедно откриле нови сензори на површината на одредени имунолошки клетки кои кога ќе дојдат во контакт со страни тела предизвикуваат хемиски аларм кој пак предизвикува други имунолошки клетки да ја пребаруваат областа за да ги убијат патогените. Тоа е брз и прецизен начин за пронаоѓање и уништување на бактериите. Така тие откриле нова димензија на имунолошка одбрана и фундаментален принцип на имунологија кој помогнал при многу медицински мистерии.
Така, како што се повеќе размислувал за алергените, Меджитов сфатил дека сите симптоми на алергија- кивање, кашлање итн. се поврзани со „исфрлање“ од телото, па можеби алергијата е стратегија на телото за да ги исфрли алергените. Оваа своја теорија ја објавил во „Nature“ во 2012 година. Потоа, започнал да ја тестира и ја потврдил заштитната функција на алергените. Сепак, многу прашања остануваат неодговорени и тој, заедно со својот тим, се’ уште го истражува овој проблем. Тој вели дека неговите експерименти ќе покажат дека детекцијата на алергени е како домашен алармен систем. „Провалникот се идентификува по скршениот прозорец, односно по штетата што ја направил. Сега го идентификувавме (тоа е имуноглобинот Е) и нареден пат успешно ќе го фатиме“, вели тој.
Следниот експеримент на Меджитов вклучува глувци на кои им е отстранета способноста да произведуваат имуноглобин Е, што значи дека не можат да имаат алергија. Меджитов смета дека поради тоа глувците нема да можат да се одбранат од алергените и тие ќе ги оштетат нивните ткива и органи. Доколку овој експеримент и оваа теорија се покажат точни, ќе го откријат невидливиот заштитен штит кој ни го овозможуваат алергиите.
Како и многу адаптации, алергиите не се совршени. Го намалуваат ризикот од смрт, но не го елиминираат, а понекогаш имунолошкиот систем претерано реагира. Но, во целост, придобивките од алергиите ги надминуваат недостатоците. Меджитов не очекува неговата теорија да биде веднаш прифатена, бидејќи сите сме убедени дека алергиите се лоши. Но разбирањето на нејзината цел може да доведе до драматична промена на начинот на кој се третира. Тој би бил среќен доколку престанеме да ги гледаме алергиите како болест.