Зошто имаме брада?

„На некој начин се чини тривијално, но причината поради која што брадата е толку интересна е тоа што ние сме единствените кои ја имаат“, вели Нејтан Холтон кој проучува краниофацијални карактеристики и механика на Универзитетот во Ајова.

Новите истражувања кои ги предводел тој, заедно со колегите од Универзитетот во Ајдахо, укажуваат на тоа дека нашата брада не се формирала од механички сили, како на пр. џвакањето, туку произлегува од еволутивна адаптација која ги вклучува големината и формата на лицето – а можеби е поврзана и со промена во нивото на хормони.

Овие откритија, објавени во „Journal of Anatomy“, ако се точни, може да помогнат во решавањето на дебата која постои повеќе од еден век, за тоа зошто современите луѓе имаат брада и како се формирала.

Истражувачите со помош на напредна биомеханичка анализа на лицето и черепот на речиси 40 лица (чии мерки биле заведени од нивна 3 до 20 годишна возраст) заклучиле дека механичките сили, вклучувајќи го и џвакањето не се доволни за да се произведе потребниот отпор за да се создаде нова коска во долната вилица, или во нејзината област. Се чини дека брадата произлегла од едноставна геометрија, односно еволуција – како што нашите лица се смалувале со текот на еволуцијата (нашите лица се околу 15% помали од оние на Неандерталците), така брадата станала коскеста испакнатина – адаптирана шилеста карактеристика на нашето лице. Па така, сега брадата се адаптира на нашето лице како што растеме. Децата на пример, имаат рамна, речиси незабележлива брада, која станува се позабележлива како што созреваме.

Покрај тоа, антрополозите од Универзитетот во Ајдахо, предводени од Роберт Францискус, сметаат дека човековата брада е секундарна последица од промената на нашиот начин на живот, почнувајќи од пред околу 80 илјади години и засилувајќи се со миграцијата на современиот човек од Африка околу 20 илјади години подоцна.

Модерниот човек еволуирал од група на ловци-собирачи кои биле прилично изолирани едни од други, до значително кооперативни групи кои формирале социјални мрежи, односно односи со останатите. Овие вторите, се чини дека го подобриле степенот до кој се изразувале преку цртежи и други симболи. Мажите особено станале помирни, со помала веројатност да се борат за територија и лична сопственост, а пак поголема веројатност за сојузи, размена на добра и идеи, што носело придобивки за сите.

Промената во однесувањето е поврзана со намалување на нивото на хормони, имено тестостеронот, што резултирало со значајни промени во машкиот краниофацијален регион. Лицата станувале помали, а тоа создало природна можност за појава на брадата. Истражувачите ја објавиле оваа теорија минатата година во „Current Anthropology“ и сметаат дека ова ново истражување ја поткрепува, со оглед на тоа што се исклучува механичката сила како причинител за појава на брадата.

Поддржете ја нашата работа: