Зошто лепрата сè уште опстојува?

Бактеријата што предизвикува лепра може со месеци да преживее во внатрешноста на амебите, па дури и во очите и носот кај човекот – откриле научниците од Државниот Универзитет во Колорадо.

Ова откритие може да помогне да се добие одговор на прашањето за тропските болести што со години ги мачи научниците: Зошто бројот на новозаболени лица во светот не се намалува и покрај тоа што илјадници заболени сега се на лекови кои ги прават помалку заразни и со текот на времето ќе им помогнат да се излекуваат?

Лепрата ја предизвикува „Микобактериум лепре“ (Mycobacterium leprae), споро-растечка бактерија која ги напаѓа нервните клетки под кожата. Не може да биде лабораториски култивирана и како точно ја врши заразата не е сосема јасно. Бидејќи заразата се шири помеѓу членови во семејствата и луѓе што се подолго време во близок контакт, научниците долго време претпоставуваа дека секогаш се пренесува преку луѓе.

„M. leprae“ е пронајдена кај пет форми на амеби, меѓу кои и некои кои можат да живеат во слузта и во течноста од очите, а може да ја преживеат и дигестијата во органите за варење. Дури и кога амебата ќе формира циста за да не се исуши, наодите покажале дека бактеријата може да преживее во нејзината внатрешност со месеци и сè уште може да предизвика инфекција кај лабораториски глувци.

Ова објаснува – велат научниците – како преживува бактеријата и зошто повторно се појавува и кога нема случаи на заразени луѓе. Истражувањето е објавено во „PLOS Neglected Tropical Diseases“.

 

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусијата на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

Поддржете ја нашата работа: