Теориите на заговор се далеку од некој нов феномен – тие се постојани во позадината на светските настани во последните сто години, вели професорот Џо Усчински, автор на книгата “Американските теории на заговор”. Тие се многу пораспространети отколку што најпрво мислите, а луѓето кои ги презентираат имаат многу поддржувачи.
“Сите веруваат во барем една или неколку теории за заговор. Причината е едноставна – има бесконечен број теории, и ако спроведеме анкета меѓу луѓето, секој веројатно ќе има за кажување најмалку неколку приказни”, вели Ускински.
Во 2015 година, едно истражување од универзитетот „Кембриџ“ покажало дека повеќето Британци заокружиле некоја од теориите кога им била понудена листа со само пет теории на заговор. Тие варирале од постоењето на тајна група илуминати што ги контролира светските настани, па до наводни контакти со вонземјани. Тоа сугерира оти типичниот теоретичар на заговор, наспроти општото верување, не е средовечен маж, кој живее во подрумот од куќата на неговата мајка.
“Доколку ги видите демографските податоци, верувањето во заговори е застапено во сите социјални слоеви, без разлика на полот и возраста”, вели Крис Френч, психолог од лондонскиот универзитет „Голдсмит“.
Зошто толку нѐ привлекуваат идеите за мрачни сили што ги контролираат политичките настани? – За да разбереме, мораме да ја погледнеме психологијата позади теориите на заговор.
“Како луѓе, ние сме многу добри при препознавање обрасци и регуларности. Но некогаш претеруваме со тоа, и мислиме дека гледаме некакво значење и смисла и кога воопшто ги нема”, вели Френч.
Во принцип, луѓето се склони да ја препознаат случајноста околу некои големи случувања и потоа од нив да направат голема приказна, која потоа станува теорија на заговор – објаснува професорот.
На многу начини, тоа е исто како и секојдневната политика. Често ги обвинуваме политичарите за лоши настани, дури и за настани што се надвор од нивна контрола.
“Луѓето слепо ќе ја наградат или ќе ја казнат власта за добрите или за лошите времиња, без да имаат некакво разбирање за тоа како владините политики придонеле за таквиот исход”, објаснува Френч.