Истражување – Зошто не можеме убаво да се наспиеме во друг кревет?

Повеќето од нас имаат потешкотии при спиењето во друга средина, како на пример во нова куќа или во хотел. Тоа научниците го нарекуваат „ефект на првата ноќ“ и според едно ново истражување претставува некој вид на одбранбен механизам.

Причината потекнува од основната еволуција, кога луѓето биле загрижени за потенцијалните опасности во новите непознати средини.

Така, кога престојуваме во нови средини, додека се одмараме, или се обидуваме да се одмориме, едната страна од нашиот мозок останува будна за да чува стража.

Всушност, едната хемисфера од мозокот останува побудна од вообичаено, што претставува церебрален еквивалент на спиењето со едно око отворено, со цел да се заштитиме од потенцијалните опасности.

За да дознаат што го предизвикува тој немир во новите средини, истражувачите го проучувале спиењето на 35 волонтери при што со помош на електроенцефалографија, магнетоелектроенцефалографија и магнетна резонанца ја следеле нивната мозочна активност.

Во текот на првата ноќ, истражувачите откриле дека мозочната активност во левата хемисфера била поголема од активноста во десната, што всушност им овозможува побрзо да се разбудат. Втората ноќ, учесниците веќе се навикнале на спиењето во лабораторијата и немало промена во мозочната активност, што укажува на тоа дека ефектот на првата ноќ навистина се случува само во текот на првата ноќ.

Со оглед на тоа што ова е мало истражување со мал број на учесници, научниците признаваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се разјасни овој ефект. Но, барем сега знаеме зошто се будиме како ненаспани кога преспиваме на некое ново место. Претпоставуваме дека треба да бидеме благодарни со оглед на тоа што нашето тело само се грижи за тоа да останеме безбедни во текот на ноќта.

Истражувањето е објавено во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: