Зошто не привлекуваат девијантни личности?

Според едно неодамнешно истражување, луѓето со одредени екстремно патолошки карактеристики имаат повеќе среќа во љубовта.

Истражувачите од Барселона се фокусирале на речиси 1.000 хетеросексуални мажи и жени со различни патолошки карактеристики (со или без дијагностицирано нарушување) и се распрашувале за нивниот број на партнери/партнерки, деца, работни места, приход и други социо-демографски фактори.

Резултатите покажале дека некои патолошки видови, како на пример оние кои се сметаат за невротични или импулсивни, имале повеќе партнери и повеќе деца од просечното, што укажува на тоа дека таквите карактеристики всушност може да обезбедат еволутивна предност.

Заклучоците од истражувањето се објавени во „Evolution & Human Behavior“, но се шпекулативни поради ограничувањата на самото истражување, односно можноста испитаниците да го зголемиле бројот на партнери за да се претстават себе си како повеќе посакувани. Ова може особено да е случај кај поединците чии карактеристики ги прават склони кон нечесност. Важно е да се нагласи дека не постои идеален тип на личност и дека варијациите во карактеристиките се честа појава во еволуцијата на широк спектар на анатомски, физиолошки и бихевиористички фенотипови.

Истражувањето покажало дека мажите и жените кои се патолошки несовесни и импулсивни привлекуваат повеќе краткотрајни партнери, додека опсесивно-компулсивните мажи (но не и жени) успеваат да одржат долга врска, што е силно поврзано со нивниот висок приход (тие заработувале речиси двојно повеќе од помалку опсесивните учесници). Покрај тоа, невротичните жени имале поголема веројатност за долга врска. Најневротичните женски учесници во истражувањето имале 34% подолги врски и 74% повеќе деца од просечното, и покрај тоа што покажувале карактеристики која се поврзуваат со нестабилност, вознемиреност и несигурност.

Според Фернандо Гутјерез, кој го предводел истражувањето, овие резултати се првиот цврст доказ дека некои нарушувања на личноста би можеле да претставуваат сексуално селектирани еволутивни стратегии. Но зошто некој би сакал да се ожени/омажи и да има деца со личност чие однесување е надвор од нормата?

Литературата за родови разлики сугерира дека жените се малку поневротични од мажите. Така, некои мажи може да ја интерпретираат невротичноста како знак за женственост. Додека пак оние импулсивните, покрај тоа што се себични, неразумни и бунтовни, тие исто така се храбри и независни – карактеристики што едноставно пленат многу луѓе. „Лесно е да се најдат причини за атрактивноста на опсесивните личности“, вели Гутјерез. Од дарвинистичка гледна точка, парите значат опстанок, безбедност и ресурси за децата. Покрај тоа, опсесивните личности се сериозни, сигурни и претпазливи.

Но, постои и друго објаснување односно добро позната тенденција да се одбере парнер со слични карактеристики на себе. Така, мажите кои ќе се оженат со невротична жена, може да се и самите невротични. Истото важи и за другите патолошки карактеристики на личноста.

Најважното нешто што треба да се знае е дека кај одредена популација, има нормален степен на генетски варијации кои може да ја направат идивидуата поприлагодена на средината. Исто како и генетските варијации, така и различните карактеристики може да ни помогнат да преживееме во овој свет. Да се биде различен не значи да се биде лош. Затоа, не брзајте да ги етикетирате како абнормални оние карактеристики или однесување кои се статистички девијантни. Принципите на еволуцијата важат подеднакво и за патолошките личности и некои од екстремните карактеристики воопшто не се неповолни за љубовта, како што се за социјалната адаптација.

Поддржете ја нашата работа: