Зошто ни е полесно да ги обвиниме луѓето за нивните постапки, отколку да ги пофалиме?

Новото истражување од Универзитетот Дјук ни помага да го објасниме парадоксот зошто ни е полесно да ги обвиниме луѓето за нивните постапки, отколку да ги пофалиме.

Ова истражување е првото кое ги користи истражувачките алатки на невронауката за да објасни зошто луѓето ги третираат негативните постапки како намерни, а позитивните како ненамерни, вели главниот автор на истражувањето.

Земете го на пример ова сценарио, кое често се користи во областа на експерименталната филозофија: Главниот извршен директор знае дека одреден план ќе и наштети на средината, но не се грижи за тоа и сепак започнува со планот само за да го зголеми профитот. Дали директорот намерно и штети на околината?

Ако одговоривте „да“ тогаш се согласувате со мнозинството. Во претходните истражувања, 82% одговориле дека постапката на директорот е намерна. А кога истражувачите го замениле зборот „наштети“ со зборот „помага“, само 23% сметале дека неговата постапка е намерна. Истражувачите откриле слични резултати и кога на учесниците им поставиле слични ситуации.

Не постои логична причина зашто сметаме дека нешто е намерно, само ако предизвикува лош исход. Намерата имплицира одредена цел на лицето и треба да се користи и за добро и за лошо, но за жал тоа не е така, вели Скот Хетел, професор по психологија и невронаука на универзитетот.

За да разбере зошто е тоа така, тој заедно со својот тим на истражувачи ги оценувал разликите во особините на личностите, како и други психолошки мерки. Со помош на магнетна резонанца, тие исто така и ја анализирале активноста на мозокот на поединците додека ги читале сценаријата.

2480

Истражувачите откриле дека луѓето користат два различни механизми за да пресудат дали постапката е намерна. Ако исходот е негативен, се активираат мозочните области кои се вклучени во процесирањето на емоциите (особено амигдалата). Ако исходот е позитивен, луѓето се потпираат повеќе на статистиката отколку на емоциите. Односно, размислуваат колку често луѓето во таква ситуација би постапиле на таков начин. Во случајот со директорот, одговориле така бидејќи сметале дека најчесто целта на директорите е да остварат профит, а помагањето на животната средина е само ненамерна, односно несакана последица.

Истражувањето е објавено во „Scientific Reports“.

Поддржете ја нашата работа: