Зошто паровите имаат помалку деца, отколку што првично посакуваат?

Доаѓањето на детето на свет е најубавиот момент во животот на еден човек, но со тоа среќата не е секогаш загарантирана.

Едно истражување, објавено во „Demography“, покажува дека раѓањето на првото дете за една двојка може потенцијално да биде повознемирувачко од разводот, невработеноста, или смртта на партнерот.

Со истражувањето биле опфатени 2.016 лица од Германија, со цел да се истражи каква разлика во нивниот живот предизвикало раѓањето на првото дете. Исцрпеноста од проблемите со доењето, недостатокот на сон, домашната изолација, влошувањето на односите со партнерот, биле наведени како потенцијални причини за луѓето да се чувствуваат помалку среќни, заедно со „постојаната и интензивна грижа при одгледувањето на дете“- се наведува во извештајот од истражувањето. И жените и мажите покажале слични негативни чувства, што укажува дека болката и напорот при самото породување не претставуваат толку значаен фактор како она што доаѓа после тоа.

Главната цел на истражувањето била да се открие зошто паровите имаат помалку деца, отколку што првично посакуваат. Претпоставката на истражувачите Рејчел Марголис, социолог од Универзитетот Западен Онтарио, Сад, и Мико Мирскила, директор на Институтот Макс Планк за демографски истражувања во Германија, била дека причина за тое се лошите искуства поврзани со раѓањето на нивното прво дете. Се покажало дека кај повозрасните родители и тие со повисоко образование, поголема е веројатноста да ги променат своите планови, откако ќе го добијат првото дете.

Учесниците во истражувањето требало да одговорат на прашањето: „Колку сте задоволни од својот живот, земајќи ги предвид сите околности“? Со 0 било означено потполно нездоволство, додека со 10 потполно задоволство.

Во текот на првите две години откако добиле дете, помалку од една третина од родителите биле подеднакво среќни (или станале посреќни), додека кај 37% е забележен  пад на среќата за една единица, кај 19% за две единици, а кај 17% е забележан пад на среќата за три единици. Просечно, падот на задоволството кај сите испитаници изнесувал 1,4 единици. Ова се смета за значителна бројка, бидејќи други истражувања покажале пад на среќата поради развод од 0,6 единици, поради невработеност една единица и губиток на партнерот – една единица.

Да се има повеќе деца е изборот на повеќето луѓе од развиениот свет. Но, ако тој преод во родителство е многу тежок, или потежок од очекуваното, многу луѓе ќе изберат да имаат само едно дете. Наодите од истражувањето укажуваат дека земјите кои сакаат да ја зголемат својата популацијата би требало да ја подобрат поддршката и помошта за родителите кога ќе го добијат првото дете, во спротивност тие можеби нема да сакаат да поминуваат низ истиот процес повторно.

Поддржете ја нашата работа: