Во 2006 година, Плутон кој сите го знаевме како последната 9-та планета во нашиот сончев систем, одеднаш престана да важи за планета, откако Меѓународната астрономска унија му го одзеде статусот на планета. Да ја проследиме неговата историја за да откриеме зошто е тоа така и зошто повеќе Плутон не се смета за планета.
Плутон беше откриен од страна на Клајд В. Томбо на 18 февруари 1930 година. Во тоа време, тоа беше најмалата и најодалечената планета откриена дотогаш. Масата на Плутон изнесува 1,31×1022 кг. и иако можеби се чини многу, тоа е всушност само 1/500 од масата на Земјата. Најголемиот дел од површината на Плутон е мраз и камења, и потребни му се околу 248 години за да ја исполни својата орбита околу Сонцето.
Во споредба со другите планети, неговата орбита е многу ексцентрична, па така во период од 20 години, со неговата 248-годишна орбита, Плутон се наоѓа поблиску до Сонцето од Нептун. Ова последен пат се случи во јануари 1979 година кога Плутон ја премина и остана во орбитата на Нептун до февруари 1999 година. Вакво нешто нема повторно да се случи пред 2226 година.
Со се’ поголемиот напредок на науката и технологијата, научниците открија и други небесни тела слични на Плутон, кои исто така се изградени од мраз и камења. Ова на некој начин претставуваше проблем за Плутон, бидејќи стана само уште еден член од колекцијата на големи објекти во Кајперовиот појас.
Кајперовиот појас се протега од орбитата на Нептун, во должина од околу 55 астрономски единици (колку 55 пати растојанието од Земјата до Сонцето) и астрономите проценуваат дека во него има околу 70 илјади објекти слични на Плутон.
Астрономите продолжиле да откриваат објекти во Кајперовиот појас и додека сите тие биле помали од Плутон, само прашање на време било кога ќе откријат некои поголеми. Тоа се случило во 2005 година, кога Мајк Браун и неговиот тим научници го откриле објектот наречен „Ерида“ со маса поголема од онаа на Плутон. Во тој момент, статусот на Плутон како планета беше ставен по знак прашалник.
На 24 август 2006 година, Меѓународната астрономска унија усвои две резолуции кои вклучуваат три услови за еден објект да се смета за планета и тоа:
1.Планетата треба да орбитира околу Сонцето
2.Планетата треба да има сферична или кружна форма
3.Планетата треба да ја има расчистено околината на својата орбита
Третиот услов значи дека една планета треба да биде основното доминантно гравитационо тело во својата орбита, а со оглед на тоа што има многу објекти слични на Плутон во и околу неговата орбита, тој не го исполнува овој криетериум. Плутон има само околу 0,07 пати поголема маса од другите објекти во неговата орбита (за споредба, Земјата е околу 1,7 милиони пати поголема од другите објекти во својата орбита).
Па, така, после 76 години, Плутон престана да важи за планета и беше преименуван во џуџеста планета. За џуџести планети се сметаат оние објекти кои ги задоволуваат првите два услови кои се потребни за да се биде планета, и во моментов постојат 5 такви – Плутон, Церера, Хаумеа, Макемаке и Ерида.
Во јули, минатата година, леталото „Нови Хоризонти“ на НАСА направи историско прелетување над Плутон кое го промени сфаќањето на научниците за овој свет кој се сметаше за леден и сув. Сликите од прелетувањето покажаа знаци за геолошка активност, со докази за тектонско движење во минатото, а можеби и сегашноста.
Па, без разлика на тоа дали Плутон е планета или џуџеста планета, од 1930 година па досега научивме многу и намалувањето на неговиот статус не ја намалува неговата важност и вредност за нашиот сончев систем и понатамошните потенцијални откритија.