Зошто постојат мажите?

Но, едно ново истражување објавено во списанието „Nature“, покажува дека причината зошто се потребни двата пола е затоа што тоа го подобрува севкупниот генетски квалитет на видовите и го намалува ризикот од исчезнување на популациите.

Прашањето зошто сексот е толку распространет помеѓу видовите во природата, долго време ги интригира и ги збунува научниците. Од биолошка перспектива, целта е да се пренесат гените на следните генерации. Асексуалните организми, како што се бактериите, размножувањето го прават со едноставно дуплирање на самите себе. Потомството е идентична копија на родителот кој му ги пренесува сите свои гени. Од друга страна пак, на сексуалните организми им е потребен партнер за да се размножуваат. Кај сексуалните видови постојат два пола, но само едниот може да го носи потомството, а тоа значи дека сексуалната популација може да се зголемува двојно поспоро од асексуалната. Покрај тоа, за секс е потребно да се најде соодветен партнер, за што понекогаш е потребно и време и енергија, па, сѐ на сѐ, животот би бил многу поедноставен кога би можеле едноставно да се поделиме на две, за да се размножуваме.

Па зошто тогаш се развил сексот? Одговорот можеби лежи во мутциите. Мутациите се грешки што се јавуваат кога ДНК се копира. Како резултат на тоа ние добиваме нови варијации на ДНК, што ги немаат нашите родители. Повеќето мутации немаат ефект, но некои се корисни и му помагаат на организмот да преживее, додека други резултираат со губење на фунцијата во генот кој е зафатен. Ова води кон можно објаснување зошто е потребен сексот; добивањето на две групи на гени – по една од секој родител, овозможува наследување на нови корисни форми на гени, штитејќи го на тој начин потомството од гените со нарушена функција, бидејќи ако една копија од генот е оштетена, другата може да делува и да го маскира штетниот ефект.

Со природната селекција се отстрануваат штетните мутации од гените многу брзо, но сепак оние со помалку штетни ефекти, или оние кои може да се покријат со функционалната верзија наследена од другиот родител, може да опстанат, па така едно просечно човечко семејство  носи стотици мутации кои може да предизвикаат губење на функциите.

Кај видовите што се размножуваат по сексуален пат, некои единки се подобри во пронаоѓањето на партнер со кој ќе се спојат, или затоа што поуспешно се натпреваруваат или затоа што се поатрактивни за спротивниот пол. Овој процес се нарекува „сексуална селекција“ и за првпат е опишан од Чарлс Дарвин. Според познатата теорија на Чарлс Дарвин, сексуалната селекција е  процес каде мажјаците се натпреваруваат да добијат шанса да се размножуваат, а женките избираат со кој мажјак ќе се размножуваат.

Повеќето истражувања во оваа област се концентрирани на импликациите од оваа селекција врз единките, но ако сексуалната селекција е силна, таа може да влијае на севкупниот генетски квалитет на целата популација. Со други зборови, сексуалната селекција , може да е одговорот зошто ни е потребен сексот – ако „високо квалитетните“ единки, оние што немаат штетни мутации, ги пренесат своите гени на следната генерација, тогаш генетската корист што произлегува од сексуалната селекција е очигледна.

Но, ова е само теорија. Како може да се тестира оваа идеја? Одговорот лежи во експерименталната еволуција. Краткорочните експерименти покажуваат конфузни резултати, а за вистинските тестирања потребни се години.

Такво истражување било направено од интернационален тим на истражувачи предводени од Универзитетот Ист Англија. Тие одгледувале две групи од лебарки. Едната група ја сочинувале 90 бубачки од еден пол и 10 од другиот пол, од сите генерации. На овој начин биле создадени услови за силна сексуална селекција, каде многу членови од побројната популација нема да успеат да се размножуваат. Другата група била изложена на слаба сексуална селекција, каде на пет мажјаци имало една женка, или воопшто немало услови за сексуална селекција бидејќи за секој мажјак имало по една женка. Во услови каде има слаба сексуална селекција или воопшто не постои, повеќето од единките ќе ги пренесат своите гени на следната генерација.

После седум години еволуција, истражувачите ги спојувале браќата и сестрите во следните три години. Ваквото спојување брзо ги покажува штетните мутации, затоа што браќата и сестрите делат 50% исти гени. Ако двајцата ги пренесат мутациите на потомството, тие нема да можат да бидат маскирани и малку е веројатно дека потомството ќе преживее.

Истражувачите откриле дека кога сексуалната селекција не била вклучена, а бубачките биле спојувани во моногамни парови, здравјето на популацијата рапидно се влошувало и тие биле збришани до десетата генерација. Спротивно на ова, бубачките каде сексуалната селекција имала големо влијание и каде 90 мажјаци се натпеварувале да се размножуваат со само 10 женки, се покажале многу поздрави и поотпорни на истребување.

Ова истражување укажува дека сексуалната селекција игра клучна улога во прочистувањето на штетните генетски мутации, бидејќи поради конкуренцијата, помалку е веројатно женката да избере некој кој е генетски инфериорен.

Веројатно, ова е одговорот на прашањето „зошто секс“? Затоа што сексуалната селекција –  и изборот на партнер го подобруваат севкупниот генетски квалитет на видовите и го редуцираат ризикот од исчезнување на популацијата.

Поддржете ја нашата работа: