Скоро секој човек има пријател или роднина кој е болен или боледувал од рак. Оваа болест денес е почеста од кога било порано и веќе се смета за болест на модерното општество. Но, дали е така и зошто ракот стана толку раширен во последниве години?
Во најновото видео на „BrainCraft“, со наслов „Зошто толку многу луѓе заболуваат од рак“, водителката Венеса Хил објаснува дека работите кои се поврзани со модерното живеење, како што се пушењето цигари, дебелината, недоволната физичка активност, но и зголемениот животен век, доведуваат до зголемена предиспонираност за дијагноза на ракот.
Првите забележани сучаи од оваа болест се од староегипетскиот лекар Имхотеп во 2625 п.н.е. Тој открил „испакнати маси на градите кои се шират, слично на недозреано овошје, ладни и цврсти на допир“, со што се опишани симптомите кои се типични за рак на дојка. Рак на абдоменот и други тумори, исто така се откриени во египетските мумии. Голем тумор на коска кој ја пробил кожата бил откриен на зачувано тело на една жена од племето Чирибаја во пустината Атакама.
Ретко биле бележени случаи на рак додека луѓето биле преокупирани со други болести, како чума, грип, туберкулоза или големи сипници. Иако ракот бил присутен, луѓето ретко живееле толку долго за ракот да се развие и докторите не биле во можност прецизно да го дефинираат.
Сепак, во 1900 –тите, ракот станал осма водечка причина за смрт во САД. Од 1950 година животниот век се зголемил за 21 година, а ракот станува втора водечка причина за смрт, веднаш после – денес водечката причина – срцевите заболувања. Ризикот за развој на рак се зголемува со возраста. На пример, шансите еден 49-годишен маж да заболи од рак на простата се 1 во 304, додека на 70-годишна возраст, шансите се 1 од 9.
Порастот во дијагностицирањето на ракот, исто така доведе и до пораст на стапката на преживување од истата болест. Во 2013 година Американското здружение за рак објави податок дека смртноста од рак се намалила за 20 проценти во споредба со највисокото ниво 20 години претходно. Ова е благодарение на напредокот во науката за ракот, скринигот, дијагнозата и третманот.
Покрај ова, голем број од случаите на рак може да бидат превенирани. Во 2010 година, речиси 1,5 милиони од осумте милиони смртни случаи од рак во светот, се предизвикани од пушење цигари. Начинот на живот, меѓу кои недоволната физичка активност, зголемената телесна тежина или дебелината, како и лошата исхрана придонесуваат за повеќе од 20 проценти од случаите на рак во светот.
Комбинацијата од продолжен животен век и факторите од начинот на живот, влијаат на стапката на заболување од рак. Затоа, спотивставете му се на ракот за да ја преземете контролата врз сопствениот живот.