Едно ново истражување покажува дека половина од денешните човечки популации не практикуваат да се бакнуваат во уста од романтични причини. Животните исто така не се бакнуваат. Па како тогаш настанал бакнежот?
Кога малку ќе размислите, бакнувањето во уста може да биде незгодно. Преку бакнежот се разменуваат околу 80 милиони бактерии од кои не се сите корисни. Па сепак, секој со сигурност се сеќава на сите детали од првиот бакнеж, а бакнувањето и понатаму продолжува да игра важна улога во новите романси – барем во некои општества.
Една нова анализа покажува дека романтичното бакнување не е универзална појава. Всушност, помалку од половина од денешните култури се бакнуваат. Истражувањето со кое биле опфатени 168 култури во светот покажало дека само 46% се бакнуваат на романтичен начин.
Па, се чини дека бакнувањето е производ на западните општества, што се пренесува од генерација на генерација.
Постојат и неколку историски докази кои го поткрепуваат ова.
„Бакнувањето, како што сега го правиме, се чини дека е прилично нова навика“ – вели Рафаел Влодарски од Универзитетот Оксфорд во Велика Британија. Според неговите истражувања, најстарите записи за бакнувањето доаѓаат од санскритските текстови од пред околу 3.500 години. Бакнувањето било опишано како – вдишување на душите еден на друг. Спротивно на тоа, на египетските хиероглифски слики луѓето се прикажани стиснати еден со друг, наместо да се бакнуваат.
Па тогаш за што всушност се работи? Дали бакнувањето е нешто што природно го правиме, но некои култури го потиснале, или пак е продукт на модерните култури?
Можеби би можело да се дознае нешто повеќе од однесувањето на животните. Нашите наблиски роднини, шимпанзата, можат да се видат како се гушкаат и се бакнуваат после конфликт. За шимпанзата бакнувањето е вид на помирување и почесто е кај мажјаците отколку кај женките. Со други зборови, не се работи за романтично однесување.
Нивните братучеди пак , бонобо шимпанзата, често го користат јазикот додека се бакнуваат, но тоа веројатно не е големо изненадување, бидејќи бонобо шимпанзата се многу „сексуални“ животни. Кога двајца луѓе ќе се сретнат, тие се ракуваат – бонобо шимпанзата имаат секс. Тоа за нив е како ракување.
Меѓутоа, овие две животни се исклучок. Колку што е познато, другите животни воопшто не се бакнуваат. Дури и тие што имаат усни не ги лепат едни со други и не споделуваат плунка. Немаат ни потреба за тоа. Многу од животните испуштаат остри мириси преку урината, т.н. феромони, што ги привлекуваат женките или мажјаците и ја поттикнуваат нивната желба за парење. Во исто време мирисот им овозможува да го изберат најсоодветниот/најфертилниот партнер. Значи на животните не им е потребно да бидат блиску едни до други за да намирисаат потенцијално добар партнер за парење.
Во оваа смисла, луѓето имаат многу лош осет за мирис, па затоа е потребно да бидат блиску едни до други. Иако мирисот не е единствениот знак што луѓето го користат за да го проценат партнерот, истражувањата покажуваат дека мирисот има значајна улога во изборот на партнер.
Едно истражување објавено во 1995 година покажало дека жените преферираат мирис на мажи што се генетски многу поразличени од нив. Ова има смисла, бидејќи спојувањето со некој со различни гени е добар предуслов за здраво потомство. Бакнувањето е одличен начин да ги „намирисате“ гените на вашиот партнер.
Во 2013 година, Влодарски направил детално истражување во врска со бакнувањето. Тој испрашал стотици луѓе што им е најважно кога бакнуваат некого. Мирисот добил значајно место, а важноста на мирисот се зголемувала кога жените биле најплодни. Излегува дека и мажите создаваат своја верзија на феромони што се присутни во нивната пот. Кога жените ќе ги почувствуваат, нивната возбуда се зголемува.
„Феромоните играат значајна улога кај цицачите кога го бираат парнерот, а истото се случува и со нас. Ние само сме додале уште неколку работи во текот на евоуцијата“, вели Влодарски.
Од тој аспект, бакнувањето е културолошки прифатлив начин да им се приближиме на другите луѓе за да може да го почувствуваме нивниот мирис. Во некои култури, ваквото однесување се претворило во физички контакт со усните.
Па, ако сакате да најдете совршен партнер, можеби би требало да го прескокнете бакнувањето и наместо тоа да почнете да ги мирисате луѓето. Можеби изгледа смешно, но на тој начин исто можете да одберете добар партнер, а нема да добиете ни половина од бактериите. А можеби и не!