Официјалниот медицински термин кој се користи за да се опише чинот на чепкање во носот е „ринотилексоманиа“ (rhinotillexomania). Првото систематско научно истражување на овој феномен е направено во 1995 година, од страна на американските истражувачи Томсон и Џеферсон. Тие им испратиле порака по електронска пошта на околу 1 000 возрасни луѓе, меѓутоа само една четвртина од нив одговориле, па затоа ова истражување се смета за недоволно и нецелосно.
Пет години подоцна, двајца доктори, Анраде и Срихари, од Националниот Институт за ментално здравје и невронаука во Бангалор, Индија, решиле подлабоко да го истражат чепкањето во носот и испитувале деца и тинејџери со низок, среден и висок социјален статус, директно во нивните училишта, со цел да добијат репрезентативен примерок.
Биле собрани податоци од 200 тинејџери и речиси сите признале дека си чепкаат во носот просечно 4 пати на ден. Но, ова е веќе познато. Интересно е тоа што само 7.6% од учениците изјавиле дека си чепкаат во носот повеќе од 20 пати дневно, а скоро 20% од нив мислеле дека имаат сериозен проблем. Повеќето го правеле тоа за да се почешаат или да го исчистат носот, но 12% признале дека си чепкаат во носот зошто едноставно им е убаво. 9 од нив дури признале дека го јадат „богатството“ што ќе го извадат.
Кога Андранде и Срихари прегледувале медицинска литература на оваа тема, заклучиле дека чепкањето во нос може да биде и опасно. Во некои екстремни случаи може да предизвика сериозни проблеми. Постојат примери на опсесивно пореметување кога пациентите не можат да престанат да си чепкаат во носот па си ја оштетуваат носната преграда, а во некои случаи дури и синусите.
Сепак, нема потреба да се грижиме бидејќи нашето повремено дискретно чепкање најверојатно не спаѓа во патолошкиот вид. Интересно е тоа што грицкањето нокти (onychophagia) и кубењето на косата (trichotillomania) се добро познати и признаени манифестации на опсесивно-компулсивното нарушување, а чепкањето во носот не е.
Но тоа не значи дека е сосема безбедно. Во едно истражување од 2006 година, група холандски истражувачи откриле дека чепкањето во носот може да предизвика бактериски инфекции. Оние испитаници кои си чепкале во носот ја имале бактеријата „Staphylococcus aureus“, за разлика од оние кои не си чепкале.
Па, и покрај сите овие ризици, како и потенцијалот да им бидеме одвратни на другите луѓе, зошто се’ уште го правиме тоа?
Не постои одговор на ова прашање, но како што Том Стафорд неодамна напиша за грицкањето нокти – можеби е комбинација од чистото задоволство што поттекнува од „чистењето“ и фактот дека носот ни е постојано на дофат. Со други зборови, „го чепкаме бидејќи ни е тука, блиску“.
Убаво е да знаеме дека некои истражувачи се’ уште се обидуваат да ги откријат причините зошто си чепкаме во носот, како и последиците од тоа.
Во 2001 година, Андраде и Срихари беа наградени за нивната работа со „Иг Нобелова Награда“, која се доделува за истражувања кои прво ќе ве насмеат, а потоа ќе ве натераат да размислувате. (анг. Ig Nobel Prize; комбинација од „ignoble“ што значи неугледен, неблагодарен, нечесен, и самата Нобелова Награда.)