Зошто стаорците се најпогодни за лабораториски експерименти?

Заедно со еволуцијата на човекот, еволуирале и начините на кои човекот ги решавал различните проблеми, особено оние што се поврзани со здравјето. Човекот почнал да изведува разни научни експерименти, со цел да најде одговор на прашањата што го збунувале со векви.

Секако, за биолошките експерименти, потребни биле живи суштества. Бидејќи со експериментите не се добива секогаш очекуваниот или посакуваниот резултат, потребно било да се избере животно што ќе ја игра улогата на „субјект“ во овие експерименти, затоа што е тешко да се убедат луѓето да го жртвуваат животот за науката. Но кое животно е најпогодно за таа улога?

Не е тешко да се погоди – тоа се стаорците, а еве и зошто тие се најпогодни за лабораториски експерименти.

Како прво, стаорците се мали животни, па затоа со нив е лесно да се работи, лесно се транспортираат и лесно е врз нив да се спроведуваат експерименти.

Исто така, стаорците се релативно безопасни. Во текот на експериментите, животните поминуваат низ различни услови, од кои голем дел се мачни и  вознемирувачки, но и во случај животното да се иритра, не може да предизвика поголема опасност.

Друг поволен фактор е тоа што стаорците брзо се размножуваат, во споредба со другите животни. Тоа значи дека за кратко време може да се добијат многу стаорци со кои може да се експериментира. Стаорците, исто така имаат и краток животен век, отстапувајќи им простор на новите генерации, со што се олеснува истражувањето на различни генерации на стаорци во краток временски период.

Покрај ова, стаорците се многу слични на луѓето. Според науката, стаорците делат 90% од своите гени со луѓето. Затоа, тие претставуваат најдобар начин да се тестира природата на различната генска интеракција кај луѓето. Исто така, многу системи во телото на стаорците функционираат на сличен начин како и кај човекот, што ги прави многу погодни за проучување на ефектите од различни лекови врз човечкото тело.

Уште една добра работа кај стаорците е тоа што можат генетски да се модифицираат. Кај стаорците може да „се вклучат“ или „исклучат“ специфични гени и да се следи како тие промени влијаат на нив. Овие стаорци со изменети гени се нарекуваат „нокаут стаорци“ и се извонредно корисни да се утврди како одредени гени можат да предизвикаат одредени заболувања.

Постои и уште еден вид стаорци кои се нарекуваат трансгенетски стаорци, кои се одгледуваат откако во нив ќе се внесе туѓа ДНК. Овие видови на стаорци служат како модели за мапирање на одредени болести кои се јавуваат кај луѓето.

Се чини дека овие мали суштества (иако не омилени) играат важна улога за благосостојбата на човекот.

Поддржете ја нашата работа: