Вселената чува многу мистерии што научниците допрва треба да ги решат. Една таква се наоѓа и во нашиот Сончев систем и останува необјаснета со децении – зошто Венера и Уран се вртат околу Сонцето во обратен правец од другите планети?
Венера се врти околу својата оска од исток кон запад, а Уран е толку навален што практично се врти навален „на бок“. Сите други планети, вклучувајќи ја и нашата се вртат од запад кон исток. Сите планети би требало да се вртат на ист начин – нашиот Сончев сисетем настанал со распаѓањето на ротирачки облак од гас и затоа се смета дека насоката на вртење на повеќето планети е пренесена од оваа древна ротација.
Меѓутоа, Венера и Уран се исклучоци – тие имаат т.н. ретроградна ротација, и се вртат спротивно од ротацијата на Сонцето.
Зошто е тоа така?
Една од најдологотрајните хипотези е дека Венера и Уран првично се вртеле исто како и останатите планети, но во одреден момент биле погодени од масивно тело (веројатно друга планета), што предизвикало тие да почнат да се вртат во обратна насока.
Во последните години, астрономите се обидуваат да најдат друго објаснение, испитувајќи ги Венера и Уран засебно.
Симулациите направени во 2011 година сугерираат дека многубројни помали колизии, наместо еден голем удар, предизвикале Уран да се врти наведнат под агол од 98 степени. Со ова би можело да се објасни зошто и месечината на планетата се врти под ист агол, што не би било возможно доколку се случил еден голем удар.
Друго алтернативно решение што беше поставено од астрономите во 2009 година е дека Уран некогаш имал голема месечина, чија гравтација предизвикала планетата да „падне“ на страна. Со време, можно е месечината да била исфрлена од орбитата од друга планета.
Што се однесува до Венера, научниците сугерираат дека таа почнала да се врти обратно од стрелките на часовникот, потоа се успорила до состојба на статичност и повторно почнала да се врти, но во спротивна насока од претходно – онака како што се врти и сега.
Со ова би можела да се објасни многу спората сегашна ротација на Венера. На Венера и се потребни 243 земјини денови за да се заврти околу својата оска, но само 225 земјини денови за да се заврти околу Сонцето. Тоа значи дека еден ден на Венера трае подолго од една година ( а Сонцето изгрева на запад).
Како и се случило ова на планетата? Астрономите сметаат дека комбинацијата од силната гравитација од Сонцето врз густата атмосферата на Венера и периодичните осцилации во атмосферата што тоа би ги предизвикало, заедно со гравитационото делување од другите планети се можната причина за промена на правецот на вртење на планетата.
Оваа идеја, заедно со планетарната колизија е најдоброто објаснување за ретроградната ротација на Венера.
Засега никој со 100 процентна сигурност не може да каже што го предизвикало чудното однесување на Венера и Уран во нашиот Сончев систем.
Се очекува повеќе податоци за Венера да се добијат од мисијата „BepiColombo“, која е планирана за 2018 година.
Новите податоци од мисијата би требало да помогат да се реши оваа мистерија.