Зошто „вештачката интелигенција“ најчесто е женска?

„Веројатно не постои едноставен одговор на ова прашање. Една од причините за големиот број на „женска“ вештачка интелигенција и андроиди (роботи дизајнирани да изгледаат и да се однесуваат како луѓе), веројатно е затоа што овие роботи се наменети да извршуваат работи што традиционално се поврзуваат со жените. На пример, многу роботи се направени да фунционираат како домашни помошнички, лични асистенти или музички водичи. Покрај тоа, многу од инжинерите кои ги дизајнираат овие машини се мажи, а тие ги сметаат жените за привлечни, покрај тоа, жените се однесуваат добро кон други жени“ – вели Фредерик МекДорман, компјутерски научник од Универзитетот Пердју во Индијанаполис.

Гласот на Сири

„Сири“ е веројатно најпознатиот пример за женска вештачка интелигенција. Името Сири на нордиски значи „убава жена што ве вoди до победа“, а гласот е на американска личност позната како Саманта. „Apple“ ја „доби“ Сири во 2010 г. од истражувањето на непрофитната „SRI International“. Гласот на Сири сега има и женска и машка варијанта и може да биде подесен на неколку различни јазици.
МекДорман направил едно истражување каде испитувал како мажите и жените реагираат на глас од спротивниот пол. Во истражувањето тој им пуштал клипови со машки и женски гласови на испитаниците, а тие требало да пополнат прашалник за тоа кој глас го преферираат. Потоа истражувачите им дале тест на испитаниците за да ја одредат нивната несвесна наклонетост. Мажите во истражувањето покажале дека преферираат женски гласови, но не покажале несвесна наклонетост кон нив. Жените исто така покажале дека преферираат женски гласови, дури и повеќе отколку што тоа го признавале во прашалникот. „Постојат предрасуди кај мажите да преферираат мажи, но не постои предрасуда кај жените да преферираат жени“ – вели МекДорман

Подемот на гиноидите

Постои  ли ваков тренд и кога се работи за хуманоидните роботи?

„Во случаи кога гласот не се поврзува со тело, шансите гласот да биде женски се малку поголеми. Но кога се изработуваат целосни хуманоиди, тие скоро секогаш се „машки“. А кога хуманоидните роботи се „женски“ постои тенденција тие да бидат претставени како девојки за „услужни“дејности“ – вели Карен Ричардсон, антрополог од Универзитетот во Лондон.

На пример, јапонскиот инжинер Хироши Ишигуро од Универзитетот во Осака дизајнирал некои од најпознатите напредни андроидни роботи како што е„Repliee R1“ по својата петгодишна ќерка. Ишигуро го дизајнирал и роботот „Repliee Q1Expo“, исто така според ликот на Ајако Фуџи, презентерка на вести на јапонската национална ТВ мрежа.

Неодамна Ишигуро создаде серија од „Actroid” роботи кои ги изработи јапонската компанија за роботи „Кокоро“, за потребите на првиот хотел во светот каде персоналот го сочинуваат роботи. Тие личат на јапонските жени и ќе „работат“ како рецепционерки , собарки, чистачки и гардероберки.

Ликови на жени – роботи може да се видат исто така и во филмовите. Во филмот„Таа“ (Her), роботот-жена (што случајно се вика Саманта) го има заводливиот глас на Скарлет Јохансон. Нејзиниот „сопственик“- човек на крај се заљубува во неа.

Што овој тренд на создавање на атрактивни беспрекорни женски роботи зборува за општеството?

„Тоа веројатно го одразува она што некои мажи го мислат за жените – дека тие не се во целост човечки суштества. Од тоа што е неопходно за нив може да се направи копија, но кога се работи за многу пософистицирани роботи тие мора да бидат „мажи“. Друга причина веројатно е тоа што жените се доживуваат како попријателски настроени од мажите. Истото може да се каже и за роботите со детски лик“ – вели Ричардсон.

Холивудската визија за роботите како во филмовите „Терминатор“ и „Матрикс“, прави тие да изгледаат застрашувачки. „Но ако ги направиме тие да изгледаат како деца, луѓето би се чувствувале многу попријатно со нив“ – заклучува Ричардсон.



Поддржете ја нашата работа: