Овој систем, кој е наречен „ВФТС 352“, се наоѓа на оддалеченост од околу 160.000 светлосни години и претставува најжешкиот и најмасивниот двоен ѕвезден систем откриен досега.
Системот „ВФТС 352“ се наоѓа во маглината Тарантула, област што е најактивна во формирањето на ѕвезди во локалната група на галаксии во кои спаѓа и Млечниот пат.
Според истражувачите, двете ѕвезди орбитираат околу себе за нешто повеќе од еден ден. Нивните центри се оддалечени само 12 милиони километри. Всушност, ѕвездите се толку блиску една до друга, што нивните површини се преклопуваат делејќи 30 проценти од својата материја. Ова не само што е најмасивниот двоен ѕвезден систем познат досега, туку е и најжешкиот. Заедничката маса на „ВФТС 352“ е 57 пати поголема од масата на нашето Сонце, а температурата на површината надминува 40.000 степени Целзиусови (за споредба, температурата на површината на Сонцето изнесува околу 5.500 степени Целзиусови)
Екстремните ѕвезди, како што се компонентите од системот „ВФТС 352“, играат клучна улога во еволцијата на галаксиите и се смета дека се главен извор на елементи, како што е кислородот.
Ваква космичка блискост помеѓу ѕвездите, научниците откриваат исклучително ретко, бидејќи најчесто ѕвездите од овие системи не остануваат долго во оваа фаза.
Истражувачите предвидуваат дека конечната судбина на овој систем може да се одвива во две насоки.
Првиот можен исход е двете ѕвезди да продолжат да орбитираат една околу друга, сѐ додека не се спојат во една брзоротирачка гигантска ѕвезда.
Втората можност е ако ѕвездите останат доволно одделени и го избегнат спојувањето, тоа да доведе до формирање на двоен систем од црни дупки. Ако се случи, тоа ќе претставува прв таков случај достапен за астрономски набљудувања.
Истражувањето е објавено во „The Astrophysical Journal“.