Климатска меѓа на континенталната и медитеранската зона… Карпест масив каде што човечка нога речиси никогаш не стапнува…
Демиркаписка клисура, неприкосновен ареал и вистинско царство за белоглавите мршојадци во Македонија.
Се движиме нетрпеливо гледајќи во карпите. Очекуваме да ги видиме во нивниот лет.
Ги немаше…
Забележавме само остатоци од нивните гнезда, поставени на најнедостапните места на карпите. Популацијата на Белоглавиот мршојадец од година во година постапно исчезнува. Демиркаписката клисура е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа, според застапеноста на ретки птици.
Клисурата е долга 19 км., а нејзините природни реткости се вистинска мамка за развој на туризмот. Регионот од секогаш бил голем предизвик за бројни научници и патеписци, а интерес најмногу се покажувал за неговата геостратегиска положба.
Клисурата е автентичен и разновиден резерват на 148 видови птици.
Таму можат да се сретнат бел и египетски мршојадец, златен орел, орел-змијар, лисест глувчар, најразлични соколи и други ретки видови птици. Дали беше до нашата лоша среќа или пак, тоа што не забележавме ниту еден од овие видови е доказ дека тие се навистина пред исчезнување, ќе се обидеме да одговориме во минутите што следат.
Веќе е потврдено дека губењето на само еден животински вид ја пореметува природната рамнотежа создавана со милениуми.
Во Македонија веќе се исчезнати два вида мршојадци кои некогаш се гнезделе на овие карпи. Брадестиот и црниот мршојадец со децении ги нема никој забележано.
Гласно се алармира дека белоглавиот и египетскиот мршојадец се пред истребување. Бројот на египетскиот орел во последните 15 години е намален за 70 отсто, а состојбата со белоглавиот мршојадец е алармантна.
Од овој вид во 2000-та година имаше 22 двојки за во 2006 година да опадне на само осум парови.
Со часови залудно гледавме во карпестите масиви…
И конечно, го имаме во објективот! Едвај е забележлив. Го издава само белиот врат и главата.
За жал, овој кадар не е од неговото природно живеалиште, туку е направен во едно од последните засолништа на овие птици.
Зоолошката градина во Скопје, местото каде што овие раскошни птици добиле свое мирно и безбедно катче…
Белоглавиот мршојадец е птица која што не убива, не лови плен, ниту пак, бара жртва. Неговата улога во ланецот на исхрана е единствена и незаменлива.
Се храни само со умрени животни, со што спречува ширење на зарази и на тој начин прави природно рециклирање на мртвите тела.
Должината на неговото тело се движи помеѓу 90-120 cm. Раширени неговите крилја достигнуваат димензии од безмалку 3 метри.
Maжјаците тежат од 6 до10 килограми, а женките се во просек за некој грам потешки.
Карактеристично за овој вид се долгите кафеави пердуви на телото и белата боја на пердувите на главата и на вратот.
Белоглавиот мршојадец е извонреден навигатор кој одлично се снаоѓа во големи пространства и на големи растојанија во својот лет.
Тој е и многу ефикасен летач кој умешно ги користи ветровите и воздушните струи при што троши малку енергија прелетувајќи огромни растојанија.
„Станува збор за голема, мршојадна, односно ние биолозите велиме, задолжително некрофагна птица. Значи, се храни само со угинати животни. Може да издржи без храна 10-14 дена. Потоа е премногу слаба, истоштена, не може ефикасно да бара храна. Заради тоа живее во големи колонии, по неколку парови, може да бидат десетици, може да бидат и стотици двојки заедно, во огромни колонии и на тој начин се поефикасни во барање на храна. Пребаруваат огромен простор, по стотици километри од местото на гнездење можат да се движат и на тој начин ги задоволуваат нивните енергетски потреби односно наоѓаат храна“, вели Методија Велески, орнитолог.
Отпорноста кон болестите што ги напаѓаат цицачите му овозможила на овој биолошки еколог да извршуваа незаменлива санитарна улога во природата.
Храната ја пронаоѓаат исклучително со сетилото за вид и тоа најчесто преку следење на активностите на другите птици привлечени од изворот на храна.
Мрша од животно со големина на зајак можат да забележат од 3,5 километри, а поголеми тела и од оддалеченост од 6 километри. Нивниот вид е осум пати поостар од човечкиот.
Храната ја бараат колективно, бидејќи тоа е најефикасен начин кога во природата нема доволно храна. Над пребаруваното подрачје по неколку птици формираат таканаречен „чешел“.
Птиците една од друга се оддалечени околу 3 километри, а меѓусебе комуницираат со стилото за вид.
Наглата промена на курсот на летот или спиталното кружење над некоја област е сигнал за останатите дека храната е пронајдена.
Најблиската птица почнува да ги имитира движењата на онаа што ја пронашла храната и се насочува кон мртвото тело.
На овој начин се обезбедува брзо собирање на поголем број птици.
Животниот циклус започнува со полагањето јајца, а вродениот инстинкт се погрижил тој процес да се одвива строго според ритамот на природата.
„Го темпираат периодот на размножување во периодот кога има најмногу природна храна, односно почнуваат да се размножуваат во јануари, полагаат јајца во јануари, февруари, може и во март малку. Младите пролетуваат некаде кон крај на јули почетокот на август. Што ова значи, во пракса возрасните птици наоѓаат природна храна, зборуваме кога би биле здрави, популациите на срни на дивокози, во зимските месеци ќе имаат најголема смртност и тогаш најлесно можат да најдат храна. Од друга страна, сточниот фонд во летните месеци се наоѓа во високопланинските пасишта и тогаш е најлесно за младите птици да дојдат до храна преку угинати домашни животни“, објаснува Велески.
Карактеристична особина за овој вид птица, како што ни објаснија експертите, е нивната меѓусебна верност до смртта. Односно, кога ќе се зближат машката и женската единка тие остануваат засекогаш посветени еден на друг.
Женката полага само по едно јајце на кое наизменично со мажјакот лежат околу 50 дена. За младенчето по испилувањето се грижат двата родитела, а нивната грижа трае сѐ додека тоа не достигне возраст од околу 2 месеца.
Алармот за судбината на белиот мршојадец во Македонија е вклучен уште пред триесет години, кога бројноста на овие птици паднала под 50 – тина парови.
„Традиционално региони за мршојадците во Македонија се Демир Капија, Тиквешкото езеро и Мариово. Меѓутоа, до 2006 година имаше една двојка и на Матка, претходно имаше цела колонија на Матка, постоеше голема колонија во клисурата на Бабуна, кај Велес, на Осоговските планини, во клисурата на Крива река, клисурата на Пчиња. Зборуваме за еден драстичен пад на популацијата од цела Македонија, би спомнал и Галичица и Јабланица и Беласица, на многу места во централна Македонија гнездење сега се сведе на само 2-3 гнездечки места“, велат орнитолозите.
Состојбата посебно станала критична по 2003 – 2004 година, кога популацијата паднала под 20 парови. Според експертите, моментално бројноста на белиот мршојадец изнесува 14-15 парови.
Иако меѓу народот постои верување дека овие птици живеат стотина години, орнитолозите велат дека нивниот животен век е значително пократок.
Во заробеништво, забележано е дека најдолго може да доживеат 35 годишна старост, додека во природа таа старост воопшто не може да биде достигната и е за десетина години пократка.
Експерите расчистуваат и уште една непознаница. Иако овие птици се огромни според својите димензии, тие не се воопшто опасни за луѓето и за животните.
Како што неколку пати потенцираат, нивната исхрана е исклучително со тела од умрени животни.
Во скопската зоолошка градина, овие птици се присутни уште од првите денови на нејзиното постоење, односно уште од 1926 година.
И додека упорно се загледувавме во височините, надевајќи се дека можеби ќе успееме да видиме некој од оие кралеви на височините во нивниот природен лет, залезот и ноќта полека со себе однесуваат дел од приказната на овие прекрасни птици, за кои секој утрешен ден е предизвик и неизвесност.






























