Раздвојувањето на близнаците во училиште никогаш не е лесно. Но да се разделат близнаците за едниот да посетува напредна настава, а другиот да посетува регуларна настава, е една од најмачните одлуки со коишто еден родител треба да се соочи. Колку и да пребарувате по интернет, нема да најдете одговор што ќе ви помогне. Значи родители, мора сами да се снајдете. За тоа (не)сте платени.
Како што веќе претпоставувате јас имам близнаци, момче и девојче кои се во прво одделение. И јас имам сестра близнак и затоа сум многу сум чувствителна кога се споредуваат браќата и сестрите.
Мојот син е ист како татко му, кој е инженер – потполно посветен да стане „симпатично досаден“. Пред некој ден најде книга со математички проблеми во една книжарница и беше толку возбуден како да дошол Дедо Мраз, да му дал подарок, а потоа да му дозволил да јава на ирвас.
Мојата ќерка е како нејзината мајка – слободен писател, не е многу по учењето. Ме потсетува на принцот од „Монти Пајтон и Светиот Грал“ кој треба да наследи многу земја, кога вели: „Ама јас не сакам ништо од ова. Јас повеќе би сакал да пеам!“ Тоа е моето девојче!
Програмата Спектар (напредно учење), првпат ни беше претставена во училиштето во Сиетл, Вашингтон. Децата од претшколска возраст може да се тестираат и да влезат – или не – во таа програма во прво одделение.
Не размислував многу околу тоа дали децата треба се тестираат. На почетокот мене и на мојот сопруг ни беше смешна идејата за напредно учење. Но подоцна, како што наближуваше времето за одлука, почнавме да слушаме од учителот на нашиот син колку е тој надарен. Кој првоодделенец сака да вежба математика навечер и за време на викендите? Мојот син. А тука е мојата ќерка, која како и повеќето деца на нејзина возраст, беше среќна да ги остави училишните работи во училиште. „Ајде да ги тестираме двајцата и да видиме што ќе се случи“ – реков јас.
Моите деца знаеја дека ќе одат на училиште само за да зборуваат за тоа што знаат, а што не знаат. Не им беше кажано дека ќе има некакви последици од тестот и тие не беа воопшто загрижени. Но кога ги добивме резултатите од тестот – мојот син влезе во напредната програма, а мојата ќерка не и јас веднаш се вознемирив. Сакав мојот син да влезе во таа програма, бидејќи знаев дека ќе биде среќен и ќе напредува. Но бев загрижена за мојата динамична ќерка која на шестгодишна возраст не мисли дека има некакви ограничувања. Како да ја одвојам од нејзиниот брат, бидејќи тој знае да направи нешто подобро?
Како дете никогаш не се сметав за доволно паметна. Не поради мојата сестра близнак, туку поради мојата мајка која беше брилијантна. Со помош на својата интелигенција успеала од фарма во Кентаки да стигне до адвокатска фирма во Њујорк. Многу вредност и придаваше на моќта на образованието и она што добрите оценки можат да го направат. Постојано чувствував дека не можам да ги исполнам нејзините очекувања. Сега јас имам ќерка, која уште од градинка не сака да ги работи своите домашни задачи. Бев преплашена дека поставувањето на нејзиниот брат на повисоко академско ниво ќе се одрази на нејзината самодоверба.
Стапив во контакт со Кристина Тинглоф од сајтот „Да зборуваме за близнаците“. Таа е мајка на возрасни близнаци и автор на шест книги. „Тешко е кога близнацитеа се разликуваат во способностите и ова е веројатно најголемиот предизвик за родителите на близнаците. Но децата ги гледаат знаците од родителите и ако во својот дом не му придавате големо значење на тоа и децата ќе се однесуваат исто“ – вели таа.
Јас и мојот сопруг не поставуваме големи цели за нашите деца, освен да можат да си ги платат сопствените сметки, да не повредуваат никого и да бидат среќни. „Многу родители на близнаци се обидуваат „да им го измазнат патот“- вели Тинглоф. „Според мое мислење тоа не е добро, бидејќи децата тогаш не можат да развијат силна емоционална стабилност. Ваша работа како родител е да им помогнете да се справат со разочарувањата во животот“.
Го запишавме нашиот син во напредната програма Спектар, а нашата ќерка во регуларната училишна програма. Во годините што доаѓаат, ќе се погрижам тие да разберат дека напредно и регуларно не значи добро или лошо, едноставно, значи различно. Сакам двете мои деца да направат најдобро што можат, независно дали тоа ќе биде напредена програма или пеење на цел глас во училишниот мјузикл. И кога мојата ќерка се „снове“ низ куќата измислувајќи свои песни и пеејќи од „петни жили“ – јас ја поддржувам…..поголемиот дел од времето. „Навистина поддржувајте ја својата ќерка во нејзините уметности. Пронајдете го нејзиниот „центар на внимание. Во еден момент, нејзиниот брат ќе ги види нејзините достигнувања и ќе рече „Уау, јас не го можам ова“, ни рече Тинглоф. Додека јас цело време се грижев дека мојата ќерка ќе се чувствува засенета од својот брат, никогаш не помислив дека таа исто така може да го надмине него.
И покрај сите мои зборови дека интересите на мојата ќерка се подеднакво важни како оние на нејзиниот брат, не ги третирав исто. На талентите на мојата ќерка не им давав таков респект како на академските интереси на мојот син.
Сега кога сум свесна како ги вреднував нивните различни предности, ќе можам да им дадам исто толку внимание и пофалби на интересите на мојата ќерка, како и на мојот син. Се надевам дека ќе успеам да ги уверам дека наша единствена грижа е нивната среќа. Тогаш , мојот сопруг и мојот син ќе можат заедно да решаваат математички проблеми, додека јас и мојата ќерка ќе лежиме на трева и ќе бараме различни форми на облаци, ќе се прашуваме за светот и ќе пееме.
Вистината е дека и двете мои деца се надарени!