Растение кое е повисоко од возрасен човек, мириса на месо што се распаѓа и изгледа мошне фалусно, процвета во најстарата ботаничка градина во Холандија.
Amorphophallus decus-silvae, наречено е и „растение пенис“, процвета за прв пат по околу шест години раст, се вели во соопштението на Универзитетот Лајден, основач на градината, Hortus Botanicus Leiden, во 1590 година. Волонтер во градината го одгледувал ова растение од исечок од лист и вредно се грижел за него, објави холандскиот весник NRC. Дел од растението расте под земја, а дел се пробива низ почвата, изјавил градинарот за NRC. Во средината на септември за првпат се појавила пупка, што покажува дека наскоро може да процвета.
Стеблото сега е високо 2 метра, а пупката конечно е отворена, изложувајќи ја исправената структура која гордо стои во нејзиниот центар, се вели во соопштението на Универзитетот Лајден.
Оваа бела структура слична на фалус, наречена спадикс, се протега нагоре опколена со големи виолетови листови. Интересно е тоа што цветот постои само два дена, а до следното појавување на пупка потребни се 5-7 години.
„За цветањето на подземниот клубен му е потребно големо количество енергија, што мора да се складира неколку години“, изјавил ван Вугт за NRC.
Во природата ова растение се среќава само во топлите, влажни тропски шуми на индонезискиот остров Јава.