Авион на ракетен погон од компанијата „Dawn Aerospace“ успешно го заврши својот прв суперсоничен лет, се вели во соопштението на компанијата, која го унапредува развојот на авиони способни да лансираат сателити.
Се вели дека вселенското летало Мк-11 Аурора ја надминало брзината на звукот за прв пат на 12 ноември, достигнувајќи 1,1 мах и искачувајќи се на височина од 25,1 километар.
„Ова е двојно повеќе од комерцијалните авиони и е прв пат цивилен авион да стане суперсоничен по Конкорд“, се вели во соопштението на компанијата. Пробниот лет беше извршен во близина на планината Кук на јужниот остров во Нов Зеланд.
Dawn Aerospace, со седиште во Холандија и Нов Зеланд, развива вселенско летало на ракетен погон што може да се користи за лансирање сателити. Таа во последните неколку месеци го тестираше својот најнов модел.
„Ова достигнување го истакнува огромниот потенцијал на авионите со ракетен погон да постигнат невидени перформанси“, рече Стефан Пауел, извршен директор на Dawn Aerospace.
Компанијата соопшти дека Мк-11 Аурора е исто така најбрзиот авион што некогаш се искачил од нивото на земјата до височина од 20 километри.
Аурора е дизајнирана да лета до работ на вселената двапати во еден ден со брзина од 3,5 мах, придвижувана од чист ракетен погон.
Извор: Ројтерс