Некои од најдобрите роботи се инспирирани од природата. Овој пат инженерите развија зачудувачки мал робот заснован на скромната лебарка – со скоро толкава брзина и телесни карактеристики како неговиот биолошки еквивалент.
Со приближна големина на поштенска марка, сè уште неименуваниот мек робот е во состојба да се движи со брзина од 20 должини на телото во секунда и да издржи притисок врз телото до милион пати поголем од неговата тежина.
Поточно, може да продолжи да функционира без да претрпи оштетувања ако врз него удри предмет со тежина до 60 килограми.
„Повеќето роботи со ваква димензија се многу кревки“, вели машинскиот инженер Ливеи Лин, од Универзитетот во Калифорнија. „Ако ги згазнеш, практично го уништуваш роботот“, додава тој.
Дел од издржливоста на роботот се сведува на неговиот едноставен дизајн. Направен е од тенок лист поливинилиден дифлуорид (PVDF), пиезоелектричен материјал кој се шири и се собира со примена на слаба наизменична струја.
Таа експанзија и контракција му дава специфичен начин на движење и еластичност.
Како што можете да се види од видеото, роботот е во состојба да се искачи по нежни наклони, да забрза низ мали цевки, па дури и да носи товар до шест пати поголем од својата тежина.
Во моментов, роботот треба да биде поврзан со изворот на електрична енергија, но идната верзија може да се напојува од мала батерија.
Дизајни како овој може да имаат вредни намени, велат научниците. Еден од начините на кој овие мали роботи можат да бидат корисни е со истражување на местата на катастрофи коишто можат да бидат опасни и нестабилни.
„На пример, ако се случи земјотрес, на големите машини или големите кучиња им е многу тешко да пронајдат живот под остатоците, па затоа ни треба мал робот што е подвижен и еластичен“, вели машинскиот инженер Јичуан Ву, од Универзитетот за електронска наука и технологија во Кина.
За таа цел, тимот разгледува начини за додавање на сензор за гас на оригиналниот дизајн – што ќе му овозможи на роботот да се провлече во многу тесни простори и да провери дали има протекување на гас, што претставува потенцијална закана за евентуално преживеани.
Тоа е само едно од подобрувањата што инженерите сакаат да го направат. Следно е да развијат начин за да може да ги избегнува пречките додека го истражува светот околу него, пренесува Science Robotics.