Гробница на мамути стара 200 000 години пронајдена во Англија

Гробница со коски на мамути од периодот на Леденото доба се пронајдени во каменолом во градот Свидон, југозападна Англија. Како што пренесува DigVentures, станува збор за коскени останки на пет единки – новороденче, две помлади и две возрасни.

Заедно со остатоците, истражувачите откриле и камени алатки изработени од неандерталците, вклучително и рачна секира и мали алатки од кремен познати како стругалки, кои се користеле за чистење на свежите животински кожи. Сепак, тимот допрва треба да ги анализира коските на мамутите за да утврди дали на нив има ознаки од неандерталски алатки.

„Наоѓањето коски од мамут е секогаш извонредно, но наоѓањето на коски кои се толку стари и добро сочувани и во таква близина на камени алатки од неандерталецот е исклучително“, рече Лиза Весткот Вилкинс, ко-основач на DigVentures.

Во иднина, тимот планира да открие зошто толку многу мамути умреле на едно место и дали неандерталците ги ловеле ѕверовите или ги собирале нивните останки. Некои претходно пронајдени праисториски докази сугерираат дека неандерталците демнеле мамути и други големи пахидерми.

„Преку овие откритија и истражувањето што ќе следи, со нетрпение очекуваме дополнително да се фрли светлина врз животот во Британија пред 200.000 години“, изјавил Данкан Вилсон, главен извршен директор на Историска Англија, британско тело за историско зачувување.

Поддржете ја нашата работа: