Новиот метод наречен тензорска холографија, би можел да овозможи создавање на холограм за виртуелна реалност, 3Д принт и медицина.
И покрај фактот дека со години се зборува за виртуелната реалност, таа сè уште не е подготвена да ги замени екраните на компјутерите и другите уреди. Една од причините е секако дека корисниците чувствуваат мачнина кога ја користат оваа технологија затоа што VR создава 3Д илузија иако корисникот всушност зјапа во 2D екранот на фиксна далечина. Решението може да се најде во форма на холограми, а научниците веќе долго време работат на решенија што ќе овозможат создавање холограми со помош на компјутери.
Холограмите овозможуваат извонреден приказ на 3Д светот околу нас, а покрај тоа, тие се убави. На пример, можете да земете и да го погледнете холографскиот гулаб на вашата картичка Visa. Холограмите нудат промена на перспективата што се прилагодува на позицијата на гледачот. Ова му овозможува на окото да ја прилагоди длабочината на фокусот за да може наизменично да се фокусира на преден план и позадина, пишува MIT News.
Истражувачите долго време се обидуваа да создадат компјутерски генерирани холограми, но процесот бара супер компјутер и временски е долготраен.
Сега, експертите од МИТ развија ново решение, а методот е толку ефикасен што холограмот на обичен лаптоп е направен за рекордно време.
Корисниците беа во можност, со помош на новиот метод, да создадат 3Д холограми побрзо од кога било досега. Благодарение на методот „тензорска холографија“, холограмите се создаваат за неколку милисекунди од фотографии кои содржат информации за тоа колку е оддалечена површината од точката од која се забележува. Таквите мапи со длабочина се креираат со помош на сензорот LiDAR, кој го има и кај некои понови модели на паметни телефони.
Споменатиот процес овозможува креирање на 3Д холограми во реално време, што е голем чекор кон холограми што досега ги имаме видено само во научно-фантастичните филмови.