Беа потребни децении и голем напредок во технологијата и науката за да се реши една од мистериите што ги мачеа научниците. Имено, на крајот на 15 век Европа била опустошена од мистериозна болест. Со векови, научниците дебатираа од каде потекнува и како болеста која уби многумина, а денес е позната како сифилис, почнала да се шири.
Во најновата студија објавена во списанието Nature, археогенетичарот Кирстен Бос од Институтот Макс Планк презентираше податоци кои јасно покажуваат дека коренот на сифилисот и неговите познати роднини е во Америка.
Истражувачите анализирале човечки остатоци од бројни археолошки локалитети во Америка за знаци на сифилис и други сродни болести. Пред се барале бактерии од родот Трепонема, кои освен венеричен сифилис предизвикуваат и други болести познати како трепонемозни болести. Нивната главна карактеристика е што во текот на животот на заболениот предизвикуваат уништување и ремоделирање на коските во телото. Проблемот во пронаоѓањето на траги од овие бактерии е што нивната ДНК е слабо зачувана низ вековите.
Веќе извесно време знаеме дека инфекциите слични на сифилис се појавуваат во Америка со милениуми, но само врз основа на лезии, невозможно е целосно да се карактеризира болеста, рече коавторот на студијата Кејси Киркпатрик, постдокторски соработник во Институтот Макс Планк.
Благодарение на напредокот во технологијата, научниците успеаја да го изолираат геномот на Treponema pallidum од примероци од коски и заби земени од локации во денешно Мексико, Перу, Аргентина и Чиле. Анализата покажала дека бактеријата која предизвикува сифилис потекнува од американскиот континент пред 9.000 години, а потоа се развила во различни подвидови.
Сепак, научниците истакнуваат дека бактеријата која го предизвикува она што денес го знаеме како сифилис се развила нешто подоцна, веројатно непосредно пред доаѓањето на Кристофер Колумбо на американско тло. Трансатлантската трговија со луѓе и „освојувањето“ на Америка помогнаа да се прошири оваа бактерија во Европа.
Додека домородните американски групи ги носеа раните форми на овие болести, Европејците беа инструментални во нивното ширење низ светот, заклучија истражувачите во студијата.