НАСА објави дека бара волонтери за учество во три едногодишни аналогни мисии за да симулираат живот на Марс. Мисиите, познати како „Аналог за истражување на здравјето и перформансите на екипажот“, ќе се одржат во вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА во Хјустон, Тексас во 2022, 2024 и 2025 година.
Секоја мисија ќе брои четворица членови на екипажот кои живеат и работат во модул од 1.700 квадратни метри, наречен „Дина на Марс – Алфа“. Живеалиштето е направено за да ги симулира предизвиците со кои може да се соочат астронаутите при евентуална мисија на Марс, вклучувајќи ограничени ресурси и комуникација со семејството, стресни фактори на животната средина и проблеми со опремата.
Избраните ќе живеат во модул, во кој има кујна, приватни простории, просторија за вежбање, две бањи и простор за одгледување култури. Ќе им се даде и готова вселенска храна. Студијата ќе испита како поединците реагираат на „строгоста на симулација на долготрајна, копнена основа“ и ќе обезбеди важни податоци за развој на решенија и проверка на системите.
Говорејќи за мисиите, Грејс Даглас, водечки научник во истражувачките анализи на НАСА за напредна технологија на храна, рече:
„Аналогот е клучен за тестирање решенија за да се задоволат сложените потреби за живеење на површината на Марс. Симулациите на Земјата ќе ни помогнат да ги разбереме и да се спротивставиме на физичките и менталните предизвици со кои ќе се соочат астронаутите пред да заминат“.
НАСА бара здрави и мотивирани кандидати кои се државјани на САД. Мора да бидат на возраст од 30 до 55 години, да не пушат и да знаат англиски јазик.
Успешните кандидати мора да имаат магистерски студии во областа СТЕМ или „биолошка, физичка или компјутерска наука од акредитирана институција со најмалку две години професионално искуство во СТЕМ“ или минимум 1.000 часовно пилотско искуство.
Ќе се земат предвид и оние кои имаат завршено двегодишна работа на докторски студии во програма STEM, медицинска диплома или тест пилот програма, како и оние кои имаат диплома за наука во областа СТЕМ или обука за воен офицер со четиригодишно професионално искуство.
Финалистите ќе бидат подложени на медицински евалуации, психијатриски скрининг и физиолошки скрининг за „да се утврди соодветноста за долгорочно изолирачка мисија со физички и ментален напор“.
Апликациите се веќе активни, а ќе се прифаќаат до 17 септември 2021 година. Надоместот ќе им биде достапен на учесниците, а повеќе информации ќе бидат обезбедени за време на скрининг процесот. Изборот на екипажот ќе ги следи стандардните критериуми што НАСА ги користи за кандидатите за астронаути.