Најмалото бебе родено во светот беше пуштено дома по 13 месеци поминати во болница во Сингапур.
Квек Ју Ксуан тежела само 212 грама кога се родила, што е тежина на едно поголемо јаболко и била долга 24 сантиметри.
Родена е во 25 -та недела од бременоста, што е далеку од полн рок. Нејзината мајка се породила со царски рез четири месеци порано откако и била дијагностицирана прееклампсија – висок крвен притисок придружен со протеини во урината, што може да биде фатално и за мајката и за детето.
Ју Ксуан, имаше ограничени шанси за преживување при раѓање, но сега тежи 6,3 килограми.
– Наспроти сите правила, со огромните здравствени компликации што ги имаше при раѓањето, таа ги инспирираше луѓето околу себе со својата упорност да преживее, напиша персоналот од болницата.
Ју Ксуан сѐ уште има хронична болест на белите дробови и ќе ѝ треба помош при дишењето и кога ќе се врати дома. Сепак, лекарите веруваат дека ќе се подобри со текот на времето.
Нејзината мајка, Вонг Меи Линг, за локалните медиуми изјави дека големината на нејзиното второ бебе ја шокирала, бидејќи првото го родила во соодветниот термин.
Досега, најмалото бебе на светот се роди во 2018 година во Ајова, а тежеше само 245 грама.