На далечниот крај на Земјата – скриена некаде на оддалечениот австралиски остров Тасманија – чудна структура ќе биде сведок за постоењето на светот каков што го знаеме.
Проектот, наречен Црна кутија за Земјата, е џиновска челична инсталација, која наскоро ќе биде исполнета со хард дискови напојувани од соларни панели, при што секој од нив постојано ќе се ажурира со научните достигнувања и најмрачните проблеми со кои се соочува светот.
Информациите поврзани со климатските промени, истребувањето на видовите, загадувањето на животната средина и влијанијата врз здравјето, ќе бидат зачувани и заштитени во монолитната структура, така што во случај на крај на нашата цивилизација, ако некоја идна интелигенција еден ден ја открие архивата, да може да разбере што се случило со нашата планета.
„Доколку драматично не го трансформираме нашиот начин на живот, климатските промени и другите опасности предизвикани од човекот ќе дојде до крах на нашата цивилизација“, се наведува на веб-страницата „Црната кутија на Земјата“.

„Црната кутија ќе го сними секој чекор што го правиме, а со кој придонесуваме за нашата катастрофа. Стотици збирки на податоци, мерења и интеракции поврзани со здравјето на нашата планета ќе бидат постојано собирани и безбедно складирани за идните генерации“, се додава.
Во извесна смисла, кутијата, која го евоцира бруталистичкиот дизајн на познатиот норвешки „Склад на семиња за судниот ден“, всушност има донекаде комплементарна цел.
Додека Глобалниот трезор за семиња „Свалбард“ е тврдина дизајнирана да заштити витална резервна копија од семињата во светот, во случај да се случи најлошото, Земјината црна кутија е замислена како тековен дигитален запис за траекторијата на светот кон евентуалната катастрофа.
„Идејата е ако животот на Земјата навистина доживее апокалипса, како резултат на климатските промени, овој неуништлив уред за снимање ќе опстои. Кој и да дојде до него ќе може да дознае што се случувало“, изјавил за abc.net Џим Кертис, извршен креативен директор на маркетинг агенцијата Клеменџер ББДО.
Проектот што е соработка помеѓу „Clemenger BBDO“, креативната агенција „The Glue Society“ и истражувачите од Универзитетот во Тасманија, треба да биде завршен на почетокот на 2022 година, иако системите на кутијата се веќе делумно активни.
„Како ќе заврши приказната целосно зависи од нас“, порачуваат авторите на ова дело.