ОН предупредуваат дека земјата се соочува со „тројна планетарна криза“

„Инвестирај во нашата планета“, со акцент на борбата против климатските промени и ублажувањето на последиците од нив e е темата на годинешното одбележување на Денот на планетата земја.

Европската унија соопшти дека Европа ќе стане првиот климатски- неутрален континент до 2050 година во согласност со Европскиот зелен план. На Твитер профилот на Европската комисија напишаа:

„Нашата посветеност е: климатски неутрален континент до 2050 година. Со нашиот Европски зелен план, инвестираме во нашата планета за да се бориме против ефектите од климатските промени. Секој напор е важен“.

Од Обединетите Нации пак предупредија дека Земјата се соочува со „тројна планетарна криза“: нарушување на климата, губење на природата и биодиверзитетот и загадување и отпад.

„Оваа тројна криза ја загрозува благосостојбата и опстанокот на милиони луѓе ширум светот. Основите на среќен и здрав живот се чиста вода, свеж воздух и стабилна и предвидлива клима. Сето тоа е нарушено, загрозувајќи ги целите за одржлив развој “, предупреди генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во видео порака на Денот на планетата Земја 2022 година.

Гутереш рече дека сè уште има надеж и потсети дека пред 50 години во Стокхолм светот се собра на клучната конференција за животната средина од која започна глобалното климатско движење.

Денот на планетата Земја официјално се одбележува од 1992 година, кога за време на Конференцијата на ОН за животна средина и развој во Рио де Жанеиро, на која присуствуваа голем број владини и невладини претставници, беше промовирана долгорочна програма за промовирање на одржлив развој.

Поддржете ја нашата работа: