Откритието на потонат брод стар 400 години во „временска капсула“ ги изненади научниците!

PHOTO: Livescience -Image credit: Research diver Christian Howe

Поморските археолози во северна Германија пронајдоа остатоци од брод на дното на реката Траве, кој зачудувачки го избегнал распаѓањето цели четири века. На бродот сè уште ги има бурињата со вар што ги транспортирал за индустријата за градежништво пред 400 години.

Бродот бил од периодот на Ханзата, кога група северноевропски трговски сојузи доминирале на Балтичкото и Северното Море од 13 до 17 век.

Со оглед на тоа што дрвото брзо гние во овој регион, многу ретко може да се најдат потопени остатоци од тој период.

Но, истражувачите веруваат дека овој брод успеал да избегне распаѓање бидејќи набргу по потонувањето бил зафатен од слој ситна тиња што таму ја носела реката.

Потонатиот брод за прв пат беше откриен во 2020 година, за време на рутинско истражување со сонар од страна на властите кои го проучуваат водениот пат на Траве.

Остатоците лежат на околу 11 метри под водата, помеѓу градот Либек и пристаништето Травемунде, на устието во Балтичкото море.

Фриц Јургенс, водечки поморски археолог на проектот, верува дека потонатиот брод можеби бил „галиот“, односно товарен брод со еден јарбол кој вообичаено се среќавал во овој период, бидејќи се проценува дека бродот бил долг помеѓу 20 и 25  метри.

„Ханзатскиот период“ бил време кога градовите низ Северна Германија и на други места во Европа формираа моќен блок познат како „Ханза“, кој доминираше во трговијата на Балтичкото и Северното Море, вели д-р Јиргенс, водечки морски археолог на проектот и асистент за протоисторија, средновековна и постсредовековна археологија на Универзитетот во Кил во Германија.

Истражувачите пронашле и околу 150 буриња негасена вар на бродот, што веројатно бил товарот што го превезувал.

„Изворот на вар бил Скандинавија или северот на Данска. Знаеме дека овој товар доаѓал од таму, најверојатно во Либек, бидејќи северна Германија нема големи извори на варовник“, тврди д-р Јиргенс.

Друга причина зошто ова откритие ги фасцинирало истражувачите е тешкиот товар што го носел.

„На првобитната локација на бродот има уште околу 70 буриња, а во непосредна близина уште 80. Поради тоа, бродот потонал речиси исправен и не се превртел. Имаме нешто како временска капсула, која зачувала сѐ што било на бродот во тој момент, објаснил Манфред Шнајдер, раководител на археологијата во Либек и водач на проектот за пронаоѓање на одамна потонати бродови.

Видео материјалот од истражувањето може да го погледнете ТУКА

Поддржете ја нашата работа: