Популацијата на дивиот свет е намалена за речиси 70 проценти од 1970 година

Популациите на диви животни – цицачи, водоземци, влекачи и риби – се намалиле во просек за речиси 70 проценти од 1970 година, се наведува во извештајот објавен денеска од Светскиот фонд за природата кој укажува на сè поизразена поврзаност помеѓу губењето на биолошката разновидност и затоплувањето на климата. Уништувањето на природните живеалишта, особено за развој на земјоделството, останува главната причина, проследено со прекумерна експлоатација. Климатските промени се третиот фактор, но нејзината улога се зголемува многу брзо, предупреди Маркои Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природата. Причините за исчезнувањето на дивите видови се загадувањето на воздухот, водата и земјиштето, како и ширењето на инвазивните видови од страна на луѓето.

Овој извештај е „црвен аларм за планетата, а со тоа и за човештвото во време кога навистина почнуваме да сфаќаме дека се потребни одржливи екосистеми, богат биодиверзитет и стабилна клима за да се гарантира просперитетна и побезбедна иднина за сите нас, а особено за нашите деца и нивните деца“, рече Ламбертини на онлајн прес-конференција. Пред меѓународниот самит за биолошка разновидност COP15 во декември во Монтреал, WWF ги повикува владите да ја искористат „последната шанса“ и да усвојат амбициозен глобален договор за спас на дивите видови, како што е Парискиот договор за климатски промени од 2015 година. Извештајот повикува на „интензивирање на напорите за зачувување и реставрација“, производство и потрошувачка на поодржлива храна и брзо укинување на употребата на фосилни горива во сите економски сектори за „да се смени трендот на губење на биолошката разновидност“.

Податоците се „навистина страшни“ за Латинска Америка, рече Марк Рајт, научен директор на WWF, наведувајќи дека во таа област, позната по својата биолошка разновидност, евидентирана е загуба од 94 проценти на видови. Во Европа, популацијата на дивиот свет падна во просек за 18 отсто, но таа бројка ги маскира екстремните историски загуби на биолошката разновидност пред набљудуваниот период, изјави Ендрју Тери, директор за заштита во Зоолошкото друштво во Лондон, партнер со Светскиот фонд за природата во утврдување на овој индикатор. Во Африка просечната загуба на диви видови се проценува на 66 проценти.

Поддржете ја нашата работа: