Пронајден евтин начин пластичниот отпад да се претвори во гориво

Можеби на многумина не им е познато, но индустријата за рециклирање пластика не покажува голем успех. Досега рециклирани се само 9 отсто од вкупно произведениот платичен отпад. Околу 12 отсто од досега произведената пластика е изгорена, а 79 отсто сеуште се наоѓа во нашите домови или во нашата околина.

Научниците токму затоа во последно време истражуваат дали може една од најчестите видови пластика, полиолефин, да се претвори во гориво.

„Еднократната пластика претставува огромна опасност за околината, а нејзината рециклажа се покажа како вистински предизвик, што особено важи за полиолефинот“, напишаа научниците од Универзитетот Делавер во новото истражување.

„Пронајдовме директна метода на селективно претворање на полиолефинот во течни горива, вклучувајќи ги дизелските и бензинските јагленоводороди“, додаваат тие.

Ефикасен и евтин метод

Ова не е прв пат научниците да успеат пластиката да ја претворат во гориво, но целта е со што помалку ресурси и трошоци поголема количина пластика да се претвори во што повеќе горива.

Најновата технологија успеа во тоа – се користи 50 отсто помалку енергија од сличните методи, оперира на температура вообичаена за кујнски печки и не испушта јаглерод диоксид во атмосферата, пишува Science Alert.

Научниците користеле хемиска постапка на хидрокракирање за да ги разградат јаглеродните врски во пластиката. Притоа употребувале катализатор кој се состои од минералот зеолит и мешавина од метални оксиди.

„Поединечно нема многу корист од овие два катализатори. Но, во комбинација стануваат магични, ја топат пластиката и зад себе не оставаат пластичен отпад“, вели инжињерот Дион Влахос од Универзитетот Делавер.

Истражувањето со наслов Plastic waste to fuels by hydrocracking at mild conditions е објавено во списанието Science Advances.

Поддржете ја нашата работа: