Научници од данската компанија “Novozymes” во соработка со Универзитетот во Оксфорд развија брз PCR-тест кој овозможува откривање на британски, бразилски и јужноафрикански варијанти на коронавирус. Овие варијанти, кои се 50 до 70 проценти поинфективни од оригиналниот вид на коронавирус од Вухан, со голема брзина се шират низ целиот свет.
Така, британската варијанта Б.1.1.7 стана доминантна во Велика Британија, сочинувајќи од 20 до 70 проценти од сите случаи на инфекција во европските земји. Британската варијанта на коронавирус е присутна во Македонија од средината на јануари, досега се потврдени само неколку случаи, додека починато е едно лице
Новиот метод за откривање на варијанти на коронавирус, развиен од Стефани Орум и нејзините колеги во Novozymes, бара мала адаптација на PCR тестовите што веќе се користат ширум светот и се смета дека е „златен стандард“ за откривање на случаи на инфекција. Новиот тест наскоро ќе биде достапен на непрофитна основа и може драматично да ги подобри напорите за следење на пандемијата ширум светот.