Разнишана теоријата за потеклото на човекот!? Што точно е откриено во Нешер Рамла?

Досега непознат вид на прачовек би можело да е предокот на Неандерталците, тврдат група истражувачи кои неодамна ги сумираа резултатите од ископините пронајдени уште во 2010 година во израелскиот археолошки локалитет Нешер – Рамла.

На длабочина од осум метри се пронајдени коски од различни животни, камени алатки, скоро целосна темена коска од десната половина на черепот и скршена лева париетална коска, како и многу добро сочувана долна вилица со заби.

„Луѓето мислат дека е едноставно да се анализираат фосилите, но за тоа е потребно многу време. Откако ќе ги пронајдете треба да ги исчистите и реконструирате, а потоа да соберете споредлив материјал низ целиот свет за правилно да ги разберете“, изјавил за Live Science Израел Хершковиц, палеоантрополог од универзитетот во Тел Авив и главен автор на една од двете студии.

После целата таа работа, истражувачите идентификувале дека коските припаѓаат на нов вид од родот Homo, или член на тоа семејно дрво, претходно непознат за науката. Утврдиле дека коските се стари околу 120 000 – 140 000 години. Тие имаат карактеристики слични со неандерталците, особено кај забите и вилиците, но овие мистериозни луѓе имале черепи послични со оние од поархаичните човечки лози. Пронајдениот вид, за разлика од современите луѓе, поседува сосема поинаква структура на черепот, без брада и многу големи заби.

Овие нови откритија сугерираат дека две различни групи на луѓе живееле рамо до рамо на Блискиот исток повеќе од 100 000 години – народот од Нешер Рамла, кој живеел во регионот почнувајќи пред околу 400 000 години и современите луѓе, кои пристигнале таму пред околу 200 000 години. Тие, најверојатно, не само што споделувале знаење и алатки, туку и меѓусебно се размножувале. Фосилите претходно откриени во пештерите Схул и Кафзех во северен Израел, кои датираат од пред 80 000 до 120 000 години, може да претставуваат групи од мешани современи луѓе и лозата од Нешер Рамла, забележуваат научниците.

Кога ги споредиле овие фосили со други ширум светот, откриле дека најблискиот роднина е од Сима де лос Хуесос, или „Јамата на коските“, подземна пештера на планините Атапуерка во северна Шпанија, изјавил Хершковиц. Природата на коските таму е мошне сложена бидејќи споделува сличности со современите луѓе, неандерталците и мистериозната исчезната човечка група, позната како Денисовци.

Хершковиц и неговите колеги жалат што поради надворешните температури на локалитетот не биле во можност да ја изолираат ДНК од овие фосили.

„Проблемот во Израел е што живееме во жешка земја. ДНК може да се распадне поради топлината, затоа никогаш не успеваме да ја извлечеме од коски постари од 15 000 години. Пробавме, но од самиот почеток знаевме дека нашите шанси во основа се нула”, вели Хершковиц.

Иако на овие новооткриени фосили им недостасува ДНК, тие можат да помогнат да се реши мистерија на човечката еволуција, давајќи одговор на прашањето – Како делови од геномот на современиот човек се нашле во генетскиот код на Неандерталците, многу години пред да се сретнат групите? Претходните истражувања сугерираа дека современите луѓе, или Хомо сапиенс и европските неандерталци се сретнале пред повеќе од 200 000 години, многу пред археолошките докази да покажат дека современите луѓе за прв пат влегле во Европа пред околу 45 000 години. Сега, Хершковиц и неговите колеги сугерираат дека хибриди на современи луѓе и групата од Нешер Рамла би можело да ја воведат модерна човечка ДНК во геномот на европските неандерталци.

Всушност, истражувачите сугерираат дека луѓето од Нешер Рамла можат да бидат предци на неандерталците.

“Повеќето истражувачи веруваат дека неандерталците се развивале и на евентуално исчезнале на подрачјето на Европа. Еве, ние велиме дека можеби неандерталците не биле европски – дека можеби има силна компонента од Блискиот исток во рамките на популацијата на неандерталците во Европа”, вели Хершковиц.

Седејќи на крстопатот на Африка, Европа и Азија, групата Нешер Рамла можеби мигрирала источно. „Ова може да помогне во објаснувањето на архаичните фосили откриени во Азија со одлики слични на неандерталците“, рече Хершковиц.

Она што сѐ уште останува мистерија е како исчезнале луѓето Нешер Рамла кои неизбежно ќе отворат многу полемики во археолошките и антрополошките научни кругови.

Извор: Live Science

Поддржете ја нашата работа: