Студија: Дали Сојот омикрон успешно го избегнува имунитетот стекнат со прележување на ковид ?

Експертите од Африканскиот национален институт за заразни болести (НИЦД) предупредуваат дека овие резултати би можеле да имаат значителни ефекти врз јавното здравје

Според првичното истражување засновано на теренски податоци, сојот омикрон има „значајна“ способност да го избегне имунитетот стекнат со претходни инфекции со други соеви на ковид-19.

Наодите покажуваат дека новиот вид може да предизвика значителен нов бран на инфекции, дури и кај популациите со високо ниво на антитела.

Експертите од Африканскиот национален институт за заразни болести (НИЦД) предупредуваат дека овие резултати би можеле да имаат значителни ефекти врз јавното здравје.

„Сè уште не е познато дали омикрон може да го избегне имунитетот што се разви по вакцинацијата“, се вели во студијата.

Зголемен ризик од реинфекција

Експертите анализирале речиси 2,8 милиони потврдени случаи на инфекција со ковид-19 во Јужна Африка од март 2020 година и откриле дека 35 670 луѓе биле повторно заразени со ковид, пренесува Скај њуз.

Студијата покажува дека ризикот од повторна инфекција за време на брановите од бета и делта соевите бил помал отколку за време на првиот бран предизвикан од видот откриен во Вухан.

Така, заклучено е дека полесно било повторното заразување со ковид-19 за време на првиот бран на пандемијата отколку кога се појавија соевите бета и делта. Сега, пак, ризикот од повторна инфекција со омикрон е 2,4 пати поголем отколку во првиот бран.

Експертите од НИЦД заклучуваат дека неодамнешното ширење на варијантата омикрон е поврзано со намален ризик од првата инфекција и зголемен ризик од втората.

„Ова има важни импликации за јавното здравје ширум светот.Најдовме докази за значително и континуирано зголемување на ризикот од повторна инфекција, што е привремено поврзано со појавата на сојот омикрон во Јужна Африка. Овие наоди укажуваат дека овој вид има предност во тоа што повторно ги инфицира оние луѓе кои веќе биле заразени“, велат научниците.

Тие потенцраат дека можноста за избегнување на имунитетот стекнат со претходна инфекција, без оглед дали тој е добиен со вакцинација, има важни импликации за јавното здравје ширум светот.

Иако само околу четвртина од населението во Јужна Африка е целосно вакцинирано, имунитетот на населението стекнат по инфекцијата со ковид-19 е многу висок, бидејќи земјата помина низ неколку значајни бранови на пандемијата.

Добри вести

Експертите за заразни болести Ана фон Готберг од НИЦД, на состанокот на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека сојот омикрон не изгледа позаразен од претходно доминантниот вид и дека сегашниот пораст на случаи во Јужна Африка веројатно се заснова на чувствителноста на населението на повторна инфекција.

Сепак, Готберг додаде дека постојат докази дека оние кои повторно ќе се заразат со новиот вид на ковид-19, омикрон, имаат благи симптоми и тоа го посочи како „добра вест“.

Студијата наречена „Зголемен ризик од реинфекција на SARS-CoV-2 поврзана со појавата на варијантата омикрон во Јужна Африка“ е објавена на MedRxiv и сè уште не е анализирана од независни експерти.

Поддржете ја нашата работа: