ЧОВЕК доби срце од СВИЊА! За првпат во историјата на медицината

ФОТО: Фото: EPA-EFE/University of Maryland School of Medicine (UMSOM)

Лекарите од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мериленд во петокот за првпат во историјата извршија трансплантација на срце на човек од генетски модифицирана свиња, пренесува „Би-Би-Си“.

Ова е прва успешна трансплантација на свинско срце на човечко суштество. 57-годишниот пациент Дејвид Бенет од Мериленд по операцијата бил во стабилна состојба.

„Срцето има пулс, создава притисок, тоа е неговото срце“, изјавил главниот лекар Бартли Грифит кој ја водел операцијата „Работи и изгледа нормално. Воодушевени сме, но не знаеме што нè чека подоцна. Вакво нешто досега никој не направил“, додал тој.

Минатата година, на околу 3.817 Американци им била извршена трансплантација на срце, повеќе од кога било досега.

Потребата станува сè поголема, а сведоци сме на случаи кои со месеци чекаат да добијат соодветен орган од доброволни дарители. Секој ден само во САД умираат десетина луѓе кои биле ставени на листите за чекање на органи.

Д-р Дејвид Класен, главниот медицински директор на Мрежата за донирање органи, истакнал дека оваа операција е голем чекор напред во процесот на трансплантација.

Тој додаде дека ќе помине извесно време пред да почне да се применува таква процедура низ светот, истакнувајќи дека отфрлање на органот може да се случи дури и кога ќе се пресади компатибилен бубрег од човечки донор.

Сè уште не е познато каква иднина го чека Бенет. Тој во моментов е поврзан со уредот што го одржувал во живот пред операцијата, но тоа не е невообичаено за нов примател на срце.

Имено, медицинскиот персонал будно следи дали неговото тело ќе даде некаков знак дека го отфрла новиот орган, а првите 48 часа, кои се сметаат за најкритични, поминале во најдобар ред.

Бенет добил срце од генетски модифицирана свиња која била подложена на 10 модификации. Научниците ѝ деактивирале 4 гени, вклучувајќи го и оној кој ги кодира молекулите кои предизвикуваат отфрлање на органите. Исто така, го деактивирале генот за раст за да спречат срцето на свињата да продолжи да расте по трансплантацијата.

Експертите вметнале и шест човечки гени во генот на свињата за да му олеснат на имунолошкиот систем на Бенет да го прифати органот на свињата.

Поддржете ја нашата работа: