Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (JWST) сними неверојатна фотографија од Уран; неговите правливи прстени, облаците кои летаат над ледениот џин и поларната капа.
Со повеќето телескопи, тешко е да се видат прстените околу Уран, бидејќи тие се составени од темни карпи и прашина, кои рефлектираат многу малку сончева светлина. Досега директно ги снимиле само два телескопи; еден на вселенското летало Војаџер 2 во 1986 година и опсерваторијата Кек на Хаваи.
Но, JWST е посебен уред. Станува збор за револуционерен инфрацрвен вселенски телескоп од девет милијарди долари, кој е сто пати почувствителен од телескопот „Хабл“. Го набљудува просторот главно во инфрацрвениот спектар, поради што може да навлезе низ „темните“ облаци од гас и прашина. „Хабл “работеше првенствено на оптички и ултравиолетови бранови должини.
Што гледаме на видеото?
На видеото на „Џејмс Веб“ се видливи дури 11 прстени. Колку што знаеме, оваа планета има 13, но последните две се премногу темни дури и за моќните очи на JWST. Ја гледаме и вртливата атмосфера на Уран, односно светлата точка во центарот на северната поларна капа што е видлива кога е насочена кон Сонцето во текот на летото на Уран.
Забележливи се и поголеми облаци, едниот на работ на поларната капа, а другиот на „левата“ страна на планетата. Овие облаци веројатно предизвикале силни бури во атмосферата на овој студен, синкав џин, пишува New Scientist.
„Неверојатно е што можеме да го видиме Уран во толку детали, тоа можевме да го направиме дури кога вселенското летало „Војаџер 2“ помина покрај него“, вели астрономот Мајкл Мерифилд од Универзитетот во Нотингем во Велика Британија.
NASA releases new images of Uranus which could unravel mystery about planet https://t.co/STCqW5rdOW
— Sky News (@SkyNews) April 7, 2023
Зошто Уран е син?
Уран е околу четири пати поголем од Земјата. Кога Земјата би била со големина на големо јаболко, Уран би бил со големина на баскет. Потребни му се околу 17 часа за да се сврти околу својата оска и околу 84 земјини години за да се направи круг околу Сонцето.
Оваа планета спаѓа во категоријата ледени џинови, кои, како и гасните џинови (Сатурн, Јупитер), немаат дефинирана површина. Поголемиот дел од неговата маса се состои од густа течност од „ледени“ материјали – вода, метан и амонијак. Неговата атмосфера е составена главно од молекуларен водород и атомски хелиум, плус малку метан.
Метанот во горната атмосфера ја апсорбира црвената светлина на Сонцето и ја рефлектира сината светлина на нашата ѕвезда во вселената. Ова е причината зошто Уран ја има својата карактеристична синкава боја. Интересно е што околу неа се вртат голем број месечини – дури 27, а се именувани по ликовите од делата на Вилијам Шекспир и Александар Поуп.