Ајнштајн не згрешил! За првпат забележана светлина зад црна дупка

Научниците првпат забележаа светлина што доаѓа од другата страна на црна дупка. Ова се чини невозможно бидејќи за црните дупки се знае дека „голтаат“ сè што е во нивна близина, вклучувајќи ја и светлината.

Откритието се опишува во ново истражување кое покажува необичен настан во кој светлината „одекнува“ околу црната дупка, така што научниците може да ја видат од другата страна.

„Секоја светлина што ќе влезе во таа црна дупка не излегува, така што не треба да можеме да видиме ништо што стои зад црната дупка“, вели Ден Вилкинс, научник во Институтот Кавли за астрофизика и космологија на честички на Универзитетот Стенфорд.

„Причината што можеме да ја видиме е затоа што таа црна дупка го закривува просторот, ја витка светлината и ги извртува магнетните полиња околу себе“, додава Вилкинс.

Ајнштајновата теорија за општа релативност опишува како масивните објекти можат да ја го искриват просторот околу себе. Гравитацијата, како што тврдел Ајнштајн, не е производ од некоја невидлива сила, туку едноставно се случува поради искривувањето на просторот.

Овој закривен простор, пак, ги поставува правилата за тоа како се движат енергијата и материјата. Иако светлината патува во права линија, таа ако се најде во високо искривениот регион, како што е просторот околу црната дупка, го следи закривувањето и во овој случај ќе се движи од задната страна кон напред.

Истражувачите анализирале х-зраци од супермасивна црна дупка во средината на друга галаксија на околу 800 милиони светлосни години од Земјата. Некои зраци изгледале како одраз од другата страна на црната дупка, појаснил Ден Вилкинс.

Сега, кога истражувачите го направија ова набудување, нивните следни чекори ќе бидат подетално да проучат законитостите по кои светлината се завртува околу црните дупки и да ги истражат светлите блесоци на Х-зраци околу самата црна дупка.

Извор: Nature

Поддржете ја нашата работа: