Косел – поствулканска појава или нешто друго?

Непосредно до селото Косел, во близина на градот Охрид, се наоѓа геолокалитетот Дувало. Овој геолокалитет јави големи дилеми меѓу околните жители, особено по долготрајните земјотреси во јули 2017 година кога поради исплашеноста на граѓаните излегоа најразлични претпоставки за настанувањето на тогашните земјотреси. Најголем дел од претпоставките беа дека причината за земјотресите е „активирање на вулканот во Косел“. ИГЕО, во опсежна анализа објаснува што всушност претставува Косел, односно Дувало?

Појавата Дувало се наоѓа на раседна линија и е производ на тектонски процеси. Според текстот на Милутиновиќ од 2017 г., причината за кое Дувалото се нарекува вулканска сулфатара, односно вулкан, се малите количини на сулфуроводородна киселина-H2S. Тоа се смета за неточно бидејќи кај Косел и по целата раседна линија не се јавуваат вулкански карпи што укажува дека Дувалото не е вулкан. Неодамнешни сознанија укажуваа на тоа дека појавата спаѓа во категоријата суви мофети, поради застапеноста на гас CО2 со 98%. Присуството на таков феномен на теренот во отсуство на некогашната магматска активност на локацијата на појавата Дувало, го прави исклучително природна реткост ширум светот.

Според L. Li Vigni et al. (2022), Дувало во селото Косел претставува појава на ослободување природен гас и не претставува поствулканска појава. Оваа појава е поврзана со тектонските процеси, при што гасовите првенствено потекнуваат од поплитките слоеви на земјината кора. (<10km). Интересно е тоа што според набљудувањата и сетилните искуства на жителите манифестациите на гасовите во сувите периоди се рамномерни, а миризбата на сулфур (или кај посетителите и локалните жители познато како мирис на расипани јајца) е поинтензивна, а во влажните периоди е обратно (особено за време на врнежи) манифестациите на гасови се (условно речено) експлозивни, а миризбата на сулфур е помала. Деталното мерење укажува на уште еден интересен факт – кај Дувалото се ослободуваат 67 тони CО, бројка која, иако станува збор за COод тектонско потекло, е споредллива со некои вулкански системи во Егејско Море (L. Li Vigni et al., 2022).

Поврзаноста со сеизмичката активност

Поради утврдената локација на Дувалото кое што е лоцирано на раседна линија, тука се одвива честа сеизмичка активност. Во локалитетот беше потипичен отворачки „кратер“ (според кој е наречен Дувало), но по серија од над 1000 земјотреси што се случија во период од 2-3 месеци во јуни, јули и август 2017г. геолокалитетот Дувало сега вклучува десет „кратери“ со дијаметри кои се движат од 20 до 80 sm. На картата се прикажани земјотресите во Македонија во период 1960-2010 година, каде доста видливо се забележува зачестеноста на земјотресите околу Косел кои се последица на појавата и самото раседнување на територијата.

Различни проценки, мерења и истражувања укажуваат на тоа дека последната вулканска активност во овој простор завршила пред околу 15-18 милиони години. Областа Дувало покажува природен феномен на интензивно дегасирање на почвата, што е класифицирано како поствулканска солфатара во локалната геолошка литература, и покрај отсуството на вулкански карпи или активност во областа.

Локалитетот Дувало е ретка и невообичаена појава (единствена за Балканот и пошироко) што е интересно од научен и едукативен аспект. Достапен е за истражување и потврдување на хипотетичките информации со приземни информации за поимите тектоника, расед, геолошка структура, вулканизам, сеизмика, фумарола, сулфатара, мофета, можни начини за нивно распаѓање, изглед, последици и голем број други информации кои подетално се разгледуваат во географијата, геологијата и во останатите сестрани науки за Земјата. Преку научните истражувања и факти доаѓаме до заклучок дека локалитетот Дувало претставува феномен поврзан со активен раседен систем, а не вулкан, со што би требало да се расчистат дилемите и настанатиот страв кај луѓето. Поради огромното и мултифункционално значење на појавата Дувало во Косел, неговите гледишта може да се стават во амбиент со туристичката и угостителската дејност со цел овој регион да биде соодветно напреднат и финансиски погоден.

Извор: ИГЕО

Поддржете ја нашата работа: