Најтопло лето во Европа – 20.000 смртни случаи од жештината

Во Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија годинава се регистрирани 20.000 смртни случаи кои се поврзани со топлотните бранови забележани во тие земји, покажува најновиот извештај на организацијата World Weather Attribution.

Од Париз до Лондон, температурите забележани оваа година достигнаа 40 степени и повеќе, а научниците за климатски промени од споменатата организација утврдија дека вакви високи температури практично би биле невозможни без климатските промени, пренесе Ројтерс.

Топлотниот бран во 2003 година предизвика повеќе од 70.000 смртни случаи низ Европа, главно во Франција, и поттикна многу земји да спроведат мерки како што се системи за рано предупредување, отворање училишта со климатизација и слично.

– Овој и слични акциски планови можеби делумно го ублажија влијанието на топлотните бранови во 2022 година, но бројот на смртни случаи е сепак поголем од очекуваниот – изјави истражувачката Клои Бримкомб од Универзитетот во Грац, Австрија.

Таа за Ројтерс изјави дека го смета овој топлотен бран за најимпресивниот од 2003 година.

Светската метеоролошка организација овој месец соопшти дека Европа се загреала повеќе од двојно за разлика од остатокот од светот во изминатите три децении, додека службата за следење на климатските промени на ЕУ – Коперник рече дека летото во 2022 година било најжешкото досега.

Поддржете ја нашата работа: