„Невера“ е официјално најбрзиот електричен автомобил во светот

Неодамна „Римак автомобили“ ја објави веста дека автомобилот „невера“ официјално стана најбрзиот електричен сериски автомобил во светот. Со ова, овој хрватски хиперавтомобил не го држи само светскиот рекорд за забрзување, туку и брзинскиот рекорд за сериски електричен автомобил.

Најновиот рекорд е постигнат во контролирани услови на овалната специјализирана патека „Аутомотив тестинг Папенбург“ во Германија, која има две ленти од по 4 километри. На нив, „невара“, според официјалното мерење на Џи-пи-ес, достигна најголема брзина од 412 километри на час. Користени се комерцијални гуми „мишелин куп 2Р“, легални за патиштата, а сѐ се одвивало под надзор на инженерите од „Римац“ и „Мишелин“. Ова е, исто така, најголемата брзина што автомобил некогаш ја постигнал на таа тест-патека.

Третина од брзината на звукот

Зад воланот беше Мирослав Зрнчевиќ, главниот тест и развоен возач на „Римац автомобили“. При соборувањето на рекордот, „невера“ беше поставена во т.н. режим на топ-брзина, создавајќи аеродинамичен профил кој го балансира влечењето и надолната сила за да обезбеди стабилност при големи брзини. Најголемата брзина е истата што инженерите ја добиле во симулации за време на развојот на „невера“ и што беше една од целите, уште од претставувањето на концептот „C_Two“ во Женева во 2018 година.

– Патувањето со брзина од 412 километри на час значи патување со третина од брзината на звукот. Постигнувањето на таа брзина во патнички автомобил е неверојатно сложено, но во „невера“ создадовме автомобил што може да помине долги растојанија со едно полнење, може да се справи со тесни и извртени тркачки патеки и може да соборува рекорди за забрзување, достигнувајќи брзини над 400 километри на час. Најважното нешто што го научив за време на обидот за максимална брзина е колку автомобилот беше сталожен и стабилен – што потврдува дека нашите тимови за аеродинамика и динамика на возила завршија неверојатна работа – рече Зрнчевиќ.

„Невера“ се доставува до клиентите со електронски ограничена максимална брзина од 350 километри на час. Во продолжение можете да го погледнете видеото од возењето што го собори рекордот.

Поддржете ја нашата работа: