Откриени алги кои имаат три различни пола

Научниците и порано веруваа дека експлозијата на развој на алги пред стотици милиони години всушност ја овозможила еволуцијата на целиот човечки и животински свет. А сега установија дека алгите можат да ни помогнат да ја разбереме еволуцијата на половите.

Имено, стручни лица од Универзитетот во Токио и голем број други јапонски универзитети открија дека видот зелени алги Pleodorina starrii имаат три различни пола – машки, женски и трет пол, кои тимот ги нарече „бисексуалци“. Ова е првпат да се открие вид алги кои имаат три различни пола.

Алги е термин за широка група на различни, а претежно водни, фотосинтетски автотрофни организми – од едноклеточни до повеќеклеточни налик растенија кои користат фотосинтеза за добивање на енергија. Овие не се растенија затоа што ги немаат повеќето својства на растенијата, не се бактерии, а ниту габи.

Размножување на алгите

Бидејќи алгите се многу голема и разновидна група на организми, постојат многу варијации во начинот на кој тие се размножуваат. Сепак, генерално можеме да кажеме дека алгите можат да се размножуваат асексуално – со клонирање или сексуално – хаплоидно (со еден сет на хромозоми) или диплоидно (со два сета на хромозоми).

Имаме и хермафродитни алги кои можат да го променат полот во зависност од ексресијата на генот. Тогаш велиме дека тоа е организам со три пола каде едниот е хермафродит, односно променлив, пишува Science Alert.

Но, зелените алги P. starrii не спаѓаат во оваа категорија. Тие исто така имаат бисексуален пол кој има машки и женски репродуктивни клетки. Научниците велат дека тоа е таканаречен „нов хаплоиден систем на парење“, кој е целосно единствен за алгите.

Како изгледаат половите клетки на алгите?

P.starrii формираат 32 или 64 истополови клеточни вегетативни колонии и имаат мали подвижни (машки) и големи неподвижни (женски) гамети. Тие ослободуваат сперматозоиди во животната средина кои содржат машки гамети, кои потоа бараат женска колонија. Бисексуалните P. starrii може да формираат машки и женски колонии и затоа може да се парат со машки, женски или бисексуални алги.

Научниците се особено заинтересирани за ова откритие бидејќи други слични алги имаат различни сексуални системи, што значи дека ова знаење може да ни помогне да разбереме како се случиле родовите промени во еволутивна смисла.

„Мешаните системи за парење, како што е системот со три пола, може да претставуваат преодна еволутивна состојба помеѓу дводомни (машки и женски) и еднодомни (само со  хермафродитни) системи за парење кај диплоидни организми“, велат научниците во истражувањето.

Посебен бисексуален ген

Биологот Хисаиоши Нозаки од Универзитетот во Токио веќе триесет години собира примероци од алги од реката Сагами, а научниците во оваа студија користеа примероци земени од истата река помеѓу 2007 и 2013 година.

Тие одвоија колонии на алги и ги охрабруваа да се размножуваат сексуално, лишувајќи ги од хранливите материи. Откриле дека бисексуалните алги имаат ген „бисексуален фактор“, различен од претходно откриените машки и женски гени. Бисексуалните клетки имале и машки ген, но тие можеле да произведат и машки и женски потомци.

Студијата Three sex phenotypes in a haploid algal species give insights into the evolutionary transition to a self-compatible mating system е објавена во научното списание Evolution.

Поддржете ја нашата работа: