Што е тоа политички маркетинг и како почнал да се применува?

Политичкиот маркетинг е составен дел на секој современ политички систем. Тој претставува спој на политиката и маркетингот со цел политичките субјекти да остварат колку што е можно подобар резултат на политичкиот пазар, односно на изборите.

Историски развој на политичкиот маркетинг

Во времето на антиката грчките теоретичари пишувале за војлата на јавноста и за нејзиното значење. Почетоците на политичката комуникација би можело да се бараат во историјата на античката реторика, односно во делата на Платон, Аристотел, Деметриј, Цицерон и други.

Сите елементи на политичкиот маркетинг може да ги пронајдеме кон крајот на 18. век во САД. Од самото создавањена САД, политичките кампањи биле вистинска забава за народот. Наликувале на циркус и карневал, каде со помош на памфлети и плакати политичарите ја барале поддршката од народот.

Првата вистинска кампања се случила во времето на Ендрју Џексон, кон крајот на 1828 година.

Посериозно развојот на методиката и техниките на политичката кампања почнале да се создаваат во последните десетлетија на 19. век. За првпат тие техники се примениле во кампањата на Брајан Мек Кинли, 1896 година. Партиските стожери постојано испраќале промотивен материјал и разни соопштенија, што многу наликувало на современите кампањи од денешницата.

Слично било и во Русија. Во 1917 година руските бољшевици на големо ја користеле политичката пропаганда за време на Октомвриската револуција, што многу им помогнало да ја освојат власта во земјата.

За агитација и придобивање на народните маси, политичката пропаганда секојдневно ја користеле и припадниците на Третиот рајх, збогатени со кино претстави и со радио емисии.

Американските политички партии одбивале масовни кампањи се до 1932 година, кога одлучиле да патуваат низ земјата и да им објаснат на гласачите дека тие не се одговорни за Големата депресија. Почетокот на модерната историја на кампањите се смета спектакуларната кампања на Ф.Д. Рузвелт, во 1936 година, која му носи уверлива победа.

Појавата на телевизијата, во ‘50 – тите, години потполно го сменило стилот на политичките реклами. Прв ја искористил Двајт Ајзенхауер во 1952 година и станал првиот политичар кој најмил агенција за водење на својата кампања. За тоа потрошил еден милион долари.

Многумина веруваат дека и Џон Ф. Кенеди, во 1960 – тата станал најмпадиот американски претседател благодарение на успешниот ТВ маркетинг.

Почетокот на 1990 – тите компјутерот, а некоја година подоцна и интернетот значително се вклучуваат во формирањето и спроведувањето на современите политички кампањи.

Што е политички маркетинг?

Кај политичкиот маркетинг не станува збор само за комуникација, односи со јавност и водење кампања, бидејќи тој е многу повеќе од тоа. Партиите се однесуваат како претпријатија, користејќи ги информациите од пазарот за да би можеле да влијаат врз дизајнот на политичкиот производ што го нудат на гласачите.

Дефинициите за политичкиот маркетинг многу варираат, а како најприфатлива се смета онаа на Мајкл Бонгранд, според кого политичклиот маркетинг е збир на техники чија цел е да се подобри соодветноста на еден кандидат кон одреден изборен потенцијал, да се приближи кон поголем број гласачи, при што секој избирач ќе може јасно да ја воочи разликата меѓу понудената опција и останатите кандидати.

Теоретичарите укажуваат дека постојат четири основни правила на политичкиот маркетинг кои што се преземени од економскиот маркетинг:

1. Правило на доследност (Ниту една одлука за кампањата да не се донесе без нејзино усогласување со останатите и со оние од претходните кампањи).

2. Вреднување на претходните кампањи (Критички осврт на успешните и неуспешните потези во минатото и преобликување на оние кои донесле успех).

3. Правило на минимална разлика (Партиите и кандидатите да бидат препознатливи по некои пораки).

4. Правило на максимална сигурност (Во кампањата да не се отвораат проблеми кои може да се вратат како бумеранг за време на кампањата).

Заклучок

Маркетингот се создал во светот на економијата, поточно во деловниот сектор. Во политиката, примената на маркетингот подразбира користење на специјални маркетиншки методи и концепции во политичкиот натпревар. Во контекст на демократијата и повеќестраниот политички состав, се наметнува потребата за маркетиншка дејност која, врз основа на некои економски подрачја, помага за подобра продажба на одредени идеи, политички партии и поединци како нивни носители.

Напредокот на медиумите и на технологијата наметнува политичкиот маркетинг да се одвива 24 часа дневно, 7 дена во неделата, а конечните и најважни резултати од неговата ефикасност се гледаат на престојните избори.

Извори: www.political-marketing.org | www.huffingtonpost.com | blog.udemy.com

Поддржете ја нашата работа: